Според последната епидемиолошка анализа на Институтот за јавно здравје, за 40 проценти е намaлена инциденцата на ширење на вирусот кај населението на ниво на цела држава со почетокот на училишната година, споредбено со ширење на вирусот во последните две недели во август.
– Согласно овие податоци и намалената инциденца на ширење на вирусот, нема потреба од промена на моделот на настава, сметаат од Комисијата за заразни болести, се вели во соопштението од МЗ.
Во епидемиолошката анализа на Институтот опфатена е возрасна популација од претшколска, основно, средно и академска. Во предучилишната и училишната возраст најмал е бројот на заразени споредбено и по возрасни групи, односно на возраст од 0-9 години има само 3,9 отсто во државата се ковид позитивни.
Согласно ова и министерката за образование и наука Мила Царовска посочи дека сѐ уште нема потреба од промена на моделот за настава, и учениците продолжуваат и понатаму да одат во училиште, бидејќи се безбедни.
– Сѐ уште немаме интерна трансмисија на Ковид 19 во училиштата и тоа го кажуваат надлежните здравствени власти. Бројот на позитивни на дневно ниво се движи од 0,01% до 0,03 %, зависно од денот, но сепак имаме повеќе од 240 илајди ученици со физичко присуство кои се секојдневно во училница и овие бројки се навистина ниски, рече Царовска.
Состојбата со градинките во државава е стабилна и не е констатирано негово ширење во овие детски установи.
Како што информира вчера министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, само 13 воспитувачи и други вработени во градинките се позитивни во целата држава и само девет деца.
Во изминатите седум дена бил направен вонреден инспекциски надзор за почитувањето на протоколите. Извештајот на ДЗСИ, како надлежна институција, покажал дека тие се почитуваат и оти поради тоа нема ширење на вирусот во градинките.
– Нивниот извештај, кој е испратен до Министерството за труд и социјална политика, покажува дека протоколите доследно се почитуваат и оти нема хоризонтална трансмисија на вирусот во градинките, рече министерката Шахпаска.
Согласно вчерашните податоци има 154 нови случаи на Ковид-19 од направени 1.967 тестирања, оздравени се 408 пациенти, а пријавени се 12 починати лица на возраст од 30 до 90 години.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 187.068 бројката на оздравени пациенти е 167.810, на починати е 6.472, а бројот на активни случаи изнесува 12.786.
Најмногу активни случаи има во Скопје – 5.761, потоа во Тетово – 994, во Куманово – 904, Охрид – 667, Струга – 638, Гостивар – 525 и Струмица – 500.
Болниците во Штип и во Куманово се преполни со пациенти со Ковид-19, а во болницата во Дебар се намалува бројот на хоспитализирани.
Во штипската модуларна болница вчера се хоспитализирани 51 пациенти, а капацитетот и е за 47. Додадени биле дополнителни четири кревети. На Кожното одделение се сместени осум пациенти, кои се стабилни и чекаат да бидат пуштени на домашно лекување.
Во тек е поставувањето на современиот противпожарен систем во Инфективното одделение во Штип, кое изминатите два месеци се реконструираше, беа заменети сите прозорци и врати, има нова фасада, а се постави и централен довод за кислород. Се очекува Инфективното одделение да се стави во функција наредната недела.
Во модуларната болница во Куманово, ситуацијата е непроменета, се уште има наплив на пациенти. Но, како што оцени вчера директорката на болницата Снежана Захариева, релативно е стабилна состојбата во однос на хоспитализацијата и амбулантските прегледи. Има и слободни места, меѓутоа пополнети се капацитетите на инфективното одделение.
Од вкупно хоспитализираните 62 лица во кумановската модуларна болница, 51 пациент се на кислородна поддршка. Најголем број од хоспитализираните се на возраст од 50 до 70 години, но има и помлади пациенти од 30 до 40 години, некои од нив без коморбидитети, дел со прекумерна телесна тежина, дијабетес и други заболувања, кои како што појасни Захариева, потешко се справуваат со болеста, но во моментов се во стабилна состојба.
– Последниве денови имаме многу пациенти од околните, Кратово, Крива Паланка, но и од градот Куманово. Имаме благо намалување на прегледи во амбулантата. Многу е поголем процентот на невакцинирани, незначителен е бројот на хоспитализираните кои се вакцинирани. Обично се луѓе со тешки хронични заболувања и намален имунитет поради претходни заболувања. Можеби 15-тина проценти од хоспитализираните се со една или две дози вакцини, останатите се невакцинирани, изјави вчера Захариева.
Состојбата во Дебар е поинаква. Се намалува бројот на новозаразени со Ковид-19 на подрачјето на општините Дебар и Центар Жипа, а со тоа и на хоспитализирани во дебарската болница.
– Моментно во нашата установа хоспитализирани се 12 ковид пациенти, од нив петмина се на кислородна поддршка. Претходно болничките капацитети беа преполни, со повеќе од 40 хоспиталирани. Намален е бројот и на оние кои амбулантски се лекуваат, последните денови во просек по седум, наспроти претходно кога имавме и до 30. За жал во последното деноноќие како последица од опасниот вирус почина жител од општина Центар Жупа, изјави вчера директорот на болницата Баки Алили.
На ова подрачје, овој месец регистрирани се 103 новозарзени, во списокот на оздравени се внесени 103, додека починале 10 лица.
Во меѓувреме, според Алили, непречено се одвива процесот на имунизација, што се реализира во модуларната болница, која функционира како вакцинален пункт. Дневно, во просек, како што информира, се аплицираат по околу 200 вакцини, главно за ревакцинација. Прва доза до сега примиле околу осум илјади лица, додека со две дози се опфатени околу шест илјади.