Почетокот на новата академска 2021/2022 година, наместо, како што беше најавено, на 11 октомври одложен е за 18 октомври, поради малиот процент вакцинирани студенти, што е услов за влез во универзитетите, јави дописничката на МИА од Тирана.
– Следната недела ќе биде „Недела за масовна вакцинација на студентите“. Затоа, новата академска година официјално ќе започне на 18 октомври, со цел да се фокусираме само на процесот на вакцинирање на студентите, од 11-17 октомври, изјави Евис Куши, министерка за образование и спорт.
Таа им се заблагодари на сите што се приклучиле на процесот на вакцинација и помагале, како што рече, „да се вратиме во нормала на сите универзитети во земјата“, но упати апел за поголема соработка.
– Би ги замолила универзитетите да соработуваат и да се координираат што е можно повеќе со здравствените структури, да ги стават на располагање сите потребни простории за студентите и персоналот за вакцинација. Од се срце ги замолувам и ги охрабрувам студентите да ја искористат оваа нова можност, со цел новата академска година да биде што е можно подобра и поуспешна, рече министерката.
Таа искажа верба дека студентите уште еднаш ќе докажат дека се „највиталниот и најпрогресивниот дел од албанското општество“.
Според одлуката на Комитетот на експерти за справување со пандемијата, студентите, професорите и вработените во високо образовните институции задолжително треба да поседуваат сертификат за вакцинација или неделно да прават тест, на што се спротивставуваат голем дел од студентите.