По три дена откако беше пуштен во употреба, ТЕЦ Осломеј денеска не работи. Добро упатени извори за Сител велат дека во централата имало технички проблем. Од ЕСМ не ги потврдуваат ваквите информации но информираат дека постојано се врши исклучување и вклучување на блоковите на централите во зависност од потребите. Термоцентралата беше активирана заврчера, а тогаш компанијата информираше дека планираат да работи една седмица, известува телевизијата.
-Во моментов дел од блоковите работат, а дел се проверуваат и санираат во очекување на зголемената активност со дополнителните количини јаглен кои се набавуваат преку јавен повик кој е во тек. Засилено производство и испорака на електрична енергија за потребите на стопанството е планирана од 1 декември. Во меѓувреме растат дотеците во акумулациите, што дава дополнителни можности за производство во претстојите месеци, зависно од потребите на државата за електрична енергија, велат од ЕСМ
Се поизвесно е дека состојбата со струјата станува сериозна. Доказ за тоа е и опомената од Швајцарската база за контрола на енергетскиот систем во Европа, дека земјава троши големи количини струја од мрежата со која енергетски е поврзана со соседите. За ова веќе се информирани надлежните институци. Но од Владата велат дека нема простор за паника.
-Се преземаат сите механизми кои се на располагање како на Владата така и на ЕСМ и на МЕПСО и сакаме повторно да укажеме дека нема простор за загриженост и да апелираме да се внимава со изнесување на пораки кон граѓаните, велат од Владата.
Инаку ТЕЦ Осломеј е втората централа со која државата планира да се справува со последиците од енергетската кризата. За нејзино активирање и за ставање во функција на третиот блок од РЕК, ќе се увезуваат над 1 милион тони јаглен. Рокот на тендерот еднаш веќе беше продолжен, а следната недела се очекуваат комплетните понуди од заинтересираните фирми. Од енергетскиот сектор предупредија дека ни престои тешка зима, со падот на температурите проблемите ќе бидат уште поголеми. Се надеваат и дека цената на светските берзи ќе почне да се стабилизира.