Во Агенцијата за вработување во Македонија како невработени се пријавени 25 доктори на науки и 737 магистри во време кога власта постојано „бомбардира“ со вести за „историски најниско ниво на невработеност во земјава“.
Според податоците на Агенцијата за вработување вкупниот број невработени лица заклучно со 30 септември годинава изнесува 135.605 лица, од кои 69.001 се жени.
Од вкупно невработени 25 доктори на науки, најмногу, односно 14 се од Скопје, четворица се од Тетово, тројца се од Битола и по еден има од Велес, Кичево, Куманово и од Радовиш, а 13 невработени доктори на науки се жени.
Според прегледот на невработени лица заклучно со 30 септември 2021 година, во Македонија има 737 невработени магистри, од кои 446 се жени. Најголем број од нив се од Скопје, вкупно 202, во Тетово 84, Прилеп 62, Гостивар 51, Битола 46, Куманово 42, Кичево 31 итн.
Вкупно 9.803 невработени лица во Македонија се со високо образование, а од нив 6.295 се жени. Најголемиот број од невработените со високо образование се од Скопје (2.108), а потоа следуваат Тетово 1.346, Куманово 795, Прилеп 714, Битола 703, Гостивар 523, Охрид 407, Струга 322 итн.
Вкупно 1.116 од невработените во македонија се со вишо образование, а од нив 569 се жени.
Со завршено средно образование невработени се 34.214 од кои 16.757 се жени.
Непотполно средно образование имаат 13.202 невработени од кои 4.502 се жени.
Според податоците на Агенцијата за вработување, без образование и со основно образование се 76.458 од невработените лица во Македонија, а од нив 40.419 се жени.
Во однос на распределеноста на невработените според возраста, податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека најголем дел од невработените се на возраст од 55 до 59 години, поточно 19.641 лице.
Следуваат лицата на возраст од над 60 со бројка од 16.802, од 50 до 54 години 15.958, на возраст од 45 до 49 години се 15.701 невработен, на возраст од 40 до 44 години се 13.728 лица, на возраст од 30 до 34 години има 13.300 лица, од 25 до 29 години се 13.286, од 20 до 24 години 12.661, од 35 до 39 години 12.555 и најмалку невработени се на возраст до 15 до 19 години, само 2.603 лица.