ДОМ и ЛДП преку својот кандидат за градоначалник на Скопје освоиja 8911 гласа, додека кандидатката на активистичката коалиција Зелен хуман град освои 9954, или 1043 гласа повеќе. Две партии со децениско присуство на политичката сцена што потрошија стотици илјади евра на билборди, промотивни видеа и печатен материјал, освоија помалку гласови од независен кандидат поддржан од граѓанска иницијатива, која немаше пристап до државни финансии и која се формираше неодамна и активно делува последните 2 месеци, стои во реакцијата на Ана Петровска, кандидатка за градоначалничка на Скопје и поранешн член на ДОМ.
-Маја Морачанин креира сопствена слика за реалноста и ги манипулира статистиките за изборите за да остане лидер на партија во изумирање. Собира гласови за советници и градоначалници, за да си ја зголеми “цената” за пазарење со коалициските партнери. Кандидираше кадри од двете големи партии (Шуто Оризари, Радовиш, Кисела Вода), бидејќи нема сопствено членство. Нејзиниот Генерален секретар, Потпретседател и Претседател на младинската организација (која не функционира веќе подолго време) доживеаја фијаско во Ѓорче Петров и Карпош. Од 21 советник од претходните избори ДОМ спадна само на 5. Маја Морачанин со своето недемократско и нестатутарно “лидерство” ја претвори ДОМ во партија без идеологија и без поддржувачи. Профитерството и политиканството што ги застапува се единствени нејзини “вредности” и заради тоа оваа партија под нејзино раководство нема иднина, стои во реакцијата на Петровска на изјавата на Морачанин дека Петровска имала намера да го дискредитира ДОМ.
Секоја политичка партија е посебен политички субјект и нормално е секој да излезе сам на избори. Ние имаме своја програма и личности кои ќе ја спроведат таа програма и затоа излеговме заедно со ЛДП како движење а не со СДСМ. Задоволни сме со постигнатите резултати, 26 илјади гласови за нашите градоначалници не е малку, рече денеска Морачанин.
На забелешката дека една од независните, Ана Петровска, претходно беше членка на ДОМ и освои поголем процент на гласови од Бени Шакири, кој беше нивни кандидат за Град Скопје, Морачанин вели дека во политиката мора да сте искрен и чесен кон граѓаните и не може едно да ветувате, а во институциите друго да правите.
-Таа потфрли во инспекторатот како директорка и тоа беше причина за нејзино разрешување, по што таа излезе од партијата. Сега инспекторатот покажува одлични резултати. Ана Петровска имаше намера да го дискредитира ДОМ како партија и не ѝ успеа, кажа лидерката на ДОМ.