Добро ми се познати проблемите и препреките со кои се соочувате при водењето на вашите фирми. Ако некој ве разбира тоа сум јас и ќе се борам за вашите интереси како да сум дел од фирмата, затоа што знам колку е тешко во денешни услови и во град каков што моментално е Скопје, да се работи, да се води фирма и да се обезбеди егзистенција за вработените, истакна независниот кандидат за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска на денешната средба со сопственици на индустриски објекти во општина Аеродром.

“За секој проблем има решение и начин како фирмата да продолжи да расте и да се развива. Едно такво решение е 24часа достапна општинска канцеларија за сите ваши потреби, да завршувате работа без губење време и непотребни чекања. Како што им помагав на сите фирми волонтерски што ги водев, така ќе продолжам и понатаму, затоа што ги знам и разбирам сите овие работи и како градоначалник на Скопје нема да дозволам да не можете да завршите работа за вашите фирми”, им порача Арсовска на стопанствениците.

“Потребни се добри сообраќајни решенија, не можеме да стигнеме до тука, се прават недогледни колони и метеж насекаде, автобускиот превоз што ги носи вработени е спор и нередовен. Сето тоа се одразува врз нашата работа и врз функционирањето на фирмите”, ги истакнаа стопанствениците своите проблеми. Уште додадоа дека нефункционална инфраструктура, лошата патна поврзаност со другите делови на градот, комуникациските врски, се клучните точки поради кои последици трпат малите и средни фирми. Тие, пред кандидатката за градоначалник уште се пожалија дека нема осветлување по улиците и покрај тоа што плаќаат иста комунална такса како сите, а и не се чисти доволно.