Добрососедските односи се суштински дел од процесот на европска интеграција на Македонија и придонесуваат за стабилност, помирување и клима погодна за решавање на отворените билатерални прашања и наследства од минатото, се наведува во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, при што акцентот во овој дел е ставен на односите со Бугарија и со Грција.
– За време на периодот на известување, фокусот беше ставен на надминување на билатералните односи со Бугарија, давајќи дополнителен поттик на имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и напорите да се одблокира официјалниот почеток на пристапни преговори, стои во Извештјот на ЕК.
Двете страни, се наведува во Извештајот, се договорија за реемитување на програмите на националните телевизии во двете земји и се отворија канцеларии на дописништва на МИА во Софија и на Бугарската телеграфска агенција во Скопје.
Во документот се потсетува дека Македонија назначи поранешен премиер како специјален пратеник за односите со Бугарија, како и тоа дека шефот на дипломатијата на Македонија ја посети Софија во ноември 2020 и подоцна оствари и средби со своите бугарски колеги. Натаму се додава дека шефот на државата се сретна со бугарскиот претседател во мај 2021, а премиерот ја посети Софија во јуни 2021 со предлози за надминување на разликите. Се дополнува дека се одржаа неколку средби на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања за време на периодот на известување.
И покрај напорите, официјалниот старт на почеток на преговорите, се уште останува блокиран, оценува Европската комисија во Извештајот.
Во врска со односите со Грција, ЕК наведува дека имплементацијата на Договорот од Преспа со Грција, продолжи, иако со бавен чекор. Натаму се потсетува дека шефот на дипломатијата ја посети Атина во јануари 2021 и одржа средби со лидерите на Грција и оти три меморандуми за разбирање беа потпишани за време на средбата – за соработка во инвестициите, обука на дипломати и цивилна заштита.
– Двете држави исто така ја прошируваат соработката и во енергетиката. На крајот на март 2021, државни компании на С. Македонија и на Грција потпишаа неколку меморандуми за сорботка, вклучително и за гас и енергетско снабдување за С. Македонија. Во мај 2021 премиерот ја посети Атина, каде се сретна со грчкиот колега по повод учеството на Делфи економскииот форум. Во август 2021 грчкиот министер за надворешни работи официјално ја посети С. Македонија, а претседателот на С. Македонија, беше во официјална посета на Грција во октомври 2021, пишува ЕК.
Македонија, се додава понатаму, го одржа својот ангажман во бројни регионални иницијативи како Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), Енергетската заедница, Транспортната заедница, Процесот за соработка во Југоисточна Европа (СЕЕЦП) и Советот за регионална соработка.
– Пандемијата на Ковид-19 ја забрза амбицијата за зајакнување на регионалната интеграција, прикажувајќи ги важните врски помеѓу пазарите во регионот, како и помеѓу ЕУ и шесте економии на Западен Балкан. Со оглед на европската перспектива на Западен Балкан, ЕУ продолжи да го третира регионот како привилегиран партнер, поврзувајќи ги со механизмите и инструментите на Унијата, вклучително и ослободување од привремени ограничувања за извоз на медицинска опрема од ЕУ, стои во Извештајот.
Натаму се додава дека на Самитот во Софија на 10 ноември 2020 година, со кој копретседаваа Македонија и Бугарија, шесте лидери од Западен Балкан ја усвоија Декларацијата за заедничкиот регионален пазар и Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан. Ова, се потсетува во документот, следеше по претходните обврски преземени на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година и признавањето на улогата на продлабочена регионална економска интеграција за поддршка на економското закрепнување на Западен Балкан.
Заедничкиот регионален пазар, пишува ЕК, е структуиран околу четирите слободи (слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе), а истовремено опфаќа и аспекти на дигитална, инвестициска, иновативна и индустриска политика. Заедничкиот регионален пазар се надоврзува на правилата и стандардите на ЕУ и претставува камен-темелник за поблиска интеграција на регионот со единствениот пазар на ЕУ веќе пред пристапувањето.
– Заедничкиот регионален пазар ќе биде клучен за зголемување на атрактивноста и конкурентноста на регионот. Тоа ќе и помогне на С. Македонија да го забрза закрепнувањето по пандемијата, особено да ги привлече инвеститорите кои бараат диверзификација на снабдувањето и пократки синџири на вредност и да ги максимизираат придобивките од инфраструктурните инвестиции според Економскиот и инвестициониот план. Затоа е важно сите страни да играат конструктивна улога во градењето на Заедничкиот регионален пазар и да ги исполнат нивните заеднички обврски, стои во документот.
Во врска со Зелената агенда за Западен Балкан, Извештајот наведува дека „С. Македонија треба да придонесе за успешно спроведување на оваа заедничка регионална визија, со високо ниво на амбиција“.
Во Извештајот натаму се посочува дека на 29 јули политичките лидери на Македонија, Србија и Албанија ја формираа иницијативата Отворен Балкан, со цел отстранување на економските бариери меѓу трите држави до 2023 година. Два меморандума беа потпишани за олеснување на трговијата и движењето стоки и луѓе, што е чекор за заеднички пазар.
Македонија остана посветена на билатералните односи со останатите земји-кандидати и со соседните земји-членки на ЕУ.
– Односите со Албанија останаа добри. Во февруари 2021 министерот за надворешни работи на С. Македонија ја посети Албанија. Двете земји потпишаа договор за признавање на фитосанитарните сертификати и договор за заедничко управување со риболовот во Охридското и Преспанското Езеро. Во јуни 2021 премиерите на С. Македонија и Албанија потпишаа договор за воспоставување заедничка гранична и царинска контрола, пишува во Извештајот.
ЕК наведува дека односите со Босна и Херцеговина се добри, а соработката во полето на ЕУ интеграцијата е во рамки на Договорот за соработка меѓу владите на Македонија и Советот на министри на БИХ во процесот на ЕУ интеграција.
– Односите со Косово останаа активни. Вицепремиерот на С. Македонија го посети Косово во март 2021, додека шефот на дипломатијата ја посети Приштина во април 2021. Односите со Црна Гора останаа добри. Во јануари 2021 министерот за надворешни работи ја посети Црна Гора, а во март 2021 заменик-министерот за надворешни работи ја посети С. Македонија, се додава во Извештајот.
ЕК натаму наведува дека односите со Србија продолжија да се интензивираат. – Србија донираше вакцини од своите резерви на С. Македонијаво февруари 2021. По тој повод, имаше средба на претеателот на Србија и премиерот на С. Македонија. Шефот на дипломатијата го посети Белград и имаше неколку средби, пишува ЕК.
Во Извештајот во делот за доброседски односи се додава и дека билатералните односи со Турција останаа добри. – Претседателот, премиерот и министерот за правда и за здравство на С. Македонија ја посетија Турција во април 2021. Турција испрати помош за С. Македонија во медицинска опрема да се справи со кризата со Ковид-19. Турското економско присуство во С. Македонија остана значително, се наведува во Извештајот на ЕК за напредокот на земјава.