Поради претстојното невреме, училиштата и гробиштата низ јужна Италија се затворени како дел од мерките на претпазливост кои денеска стапија во сила.

Градоначалникот на Неапол Гаетано Манфреди одлучи да ги затвори повеќето гробишта и паркови поради опасност од паѓање на дрвја и гранки, се вели во наредбата на градските власти.

Училиштата на популарниот туристички остров Искија во Неаполскиот залив денеска се затворени, соопшти градоначалникот Енцо Ферандино.

Цивилната заштита го подигна нивото на опасност од катастрофи за јужната провинција Кампанија.

Пожарникарите на Сардинија во последните 12 часа 50 пати излегле на терен на западниот брег на островот поради невремето.

И регионот Ористано на Сардинија исто така е погоден од поплави.

Властите предупредуваат и на можна поплава во Венеција подоцна денеска. Се очекува под вода да бидат околу 60 отсто од пешачките површини.

Се очекува градот да го активира системот за заштита од поплави во 18 часот.

Системот за заштита од поплави Мојсеј е направен да ја заштити Венеција од бури. Тој се состои од 78 бариери кои градот може да ги подигне на три влеза и е во функција од 2020 година.