Пишува: Блаже Миневски
„Сите нации се бранат самите себе, а нашава како се уште да се брани од самата себе, односно од самите нас. Ние сме народ кој е најподложен да се уништува себе си, народ кој ги претпочита туѓите вредности над своите. А од последната војна излеговме со толку голема верба, занес и творечко пијанство што, мислам, никогаш не сме биле поподготвени да си ја осмислиме својата слобода и да загинеме за неа. И еве, сега, по толку години наше провинцијализирање, одново стартуваме со истите кавги. Наместо да градиме национална програма во која Македонија ќе биде со консензус наша, така да речам, егзатна доблест и определба, ние им даваме готови решенија на соседите за нивните национални програми во кои е вклучена и нашата земја. Сите наши соседи и денеска не одрекуваат, и во исто време не посакуваат. Како да не им е доволна нивната беда и како да не си се доволни самите себе.
Во нас се уште некои гледаат монета за поткусурување. Србите и Бугарите со нашата историја ги пополнуваат своите празни места. Албанците бараат простор за живеење. Грците имаат страв и срам од нас што се претвори во параноја. Под тој притисок тие го извршија најголемиот геноцид во историјата на Европа над македонското население во Егејска Македонија. А долго време по 1913 година тој ист дел од Македонија, во нивните документи се водеше како „Новоосвоени територии“. Сега го бараат ексклузивното право над Македонија и нејзиното име. А Грција најмногу се прослави по нејзиниот пораз од Филип и Александар Македонски. Значи, како поразена земја. Таа сега е најголемиот противник на признавањето на Република Македонија. А Македонија има централно место во светската цивилизација: двете светски писма и еден од првите универзитети. Македонија, ако сакате, е и библиска земја и јас би рекол дека е постара и од Европа. А таа Европа денес, како некој пијан нунко, се мачи да не прекрсти, смислувајќи и го новото име меѓу секои две ждригнувања на обилните ручеци на дванаесеттемина апостоли, меѓу кои секогаш седи барем еден дежурен Јуда, – изјавил академик Петре М. Адреевски во октомври 1993 година во интервју за тогашниот неделник „Пулс“.
Големиот македонски писател, академик Петре М. Андреевски, кој почина пред дванаесет години, на 25 септември 2006 година, во истото интервју, запрашан за тегобите што се уште ги трпи македонскиот народ, вели: „Мислам дека ние и слободата ја прифативме со мошне голем талог на ропска психологија. Дали е тоа, во најголем дел, последица на делбите на Македонија? Не знам. Имав еден пријател кој имаше обичај да каже дека живееме во една третина татковина. Од тоа би требало да произлезе дека располагаме и со една третина слобода. Но слободата се остварува и во тоа колку сме готови да ја браниме и од нашите слабости. Се сеќавам кога беше забрането, се разбира неофицијално, да се полагаат цвеќиња на гробот од Гоце Делчев. Името на еден од најголемите противници, сега го носи еден од булеварите на Скопје, а јас не би му дал ни пешачки премин. Но, луѓето сепак полагаа цвеќиња на гробот, во природата на човекот е да биде непослушен, но сите што полагаа беа бележани, снимани, проследувани. Денес мнозина од тие проследувачи станаа најголеми почитувачи на Гоцевото дело. Така, одеднаш, најголеми Македонци станаа оние што ги репресираа Македонците.“
Две години подоцна, академик Андреевски, автор на култниот роман „Пиреј“, во интервју за весникот „Вечер“, на прашањето што се случува со моралот во македонското општество, меѓудругото ќе изјави:
„Не знам како да ви одговорам, зашто кај нас искреноста секогаш се толкувала како дрскост, а не како човечка доблест. Една од контроверзите на нашиот општествен живот е политичката травестија и храброст на некои луѓе да гледаат во илјадници очи и да лажат, и задоволството на излажаните изразено со бурен аплауз. Голема контроверза се и белосветските политички манекени, кои секој ден дефилираат низ нашиот политички простор, се сликаат и не учат како да јадеме, како да кашламе, дали да ги персираме малинствата и во колкав обем, притоа нудејќи ни решенија за се и сешто таму каде што сме нерешителни. Тие исти мисионери ќе ја проверуваат нашата крвна слика, ќе ги снимаат нашите органи за варење за да видат како ја поднесуваат храната што не се јаде во нивните земји и во секоја пригода ќе се залагаат македонскиот ум да го дислоцираат на периферијата од актуелниот миг, кажувајќи ни дека сме мал народ, мулнинационална заедница со граѓански устав, каде Македонците стануваат само граѓани, а малцинствата ’национални етникуми’.
Во 1999 година, во интервју за весникот „Експрес“, на прашањето во какво време и каква земја живееме, академик Петре М. Андреевски одговара:
„Гледајќи кој се доаѓа во некаква мисија кај нас, или уште поточно, во некаква инспекција, и дека секој што доаѓа не прашува како живееме ние, туку само како живеат малцинствата и колкави се нивните права, излегува дека ние треба уште веднаш да се иселиме од својата татковина. Мислам дека нешто слично не дозволува ниедна суверена држава.“
Еден месец подоцна, во интервју за „Нова Македонија“, големиот македонски писател и патриот, автор на култни романи и поетски книги, запрашан што би им советувал на Македонците, порачува:
„Да си го вратат достоинството, храброста и вистината за себе.“
Во јануари 2001 година, пет години пред смртта, во интервју со новинарката на „Денес“, академик Петре М. Анреевски, запрашан дали како писател патриотизмот го чувствува како привлилегија или обврска, вели:
„Јас никогаш не сум бил толку богат за да го чувствувам патротизмот како привилегија. Во животот многупати ми се случило да го почувствувам како казна.“
Кога денес би бил жив, осумдесет и четиригодишниот академик Петре М. Андреевски сигурно би бил бескрајно тажен од ова што сега се случува со Македонија.
Петре М. Андреевски:
„Не дозволувајте некој друг да ни ја контролира и нашата свест и нашата национална гордост!“
Браќа и сестри, бидете на штрек!
Не срамете се од ништо што е наше.
Не дозволувајте некој друг да ни ја контролира и нашата свест и нашата национална гордост.
Презирајте ги оние што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот и писмото што ги позајмиле од нас. Сите оние што сакаат да ни ја предодредат нашата историска приказна што се крепи на толку многу гробови. Знајте дека во таа приказна се заложени сите наши државотворни темели, и сето свето наледство.
Браќа и сестри!
Ние сме избраниот народ кој го имаше и Божјиот благослов да ги отвори вратите на христијанството кон Европа и да бидеме првиот мост за премин на неговите свети пораки и кон вечноста.
Од оваа библиска земја Александар Македонски почна да ја оживотворува и идејата и првиот образец за светска држава.
Тука е основан и првиот универзитет во Европа.
Сме имале и безброј буни и востанија, сме имале и многу погубени но не и победени воини. Сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи видици. Никогаш не сме го прекинале допирот со светлината.
Колку и да сме имале некаков грев кон татковината, таа сепак ни проштевала. И останувала во нашиот копнеж да умреме во неа. Таа секогаш била она одбрано место на кое сме можеле, дури и мртви, непречено да сонуваме.
Браќа и сестри!
Слободата е наша прва икона и затоа не испуштајте ја од своите раце и од својата љубов. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг. И низ секој изгрев што не осветлува. Само така Македонија ќе ја видиме обединета во една толку величествена светлина. Зашто нашето знаме е сонце, а тоа е најстариот оган на кој се грееме.
Од неговиот „Македонски манифест“, објавен 2003 година