Воислав ЗАФИРОВСКИ
Во Република Македонија, гледано од аспект на остварувањето на нејзините социјални функции, постојат две социјално ранливи категории. Во првата, припаѓаат лицата кои немаат доволно средства да преживеат од 1. до 31. во месецот и втората, социјално заклана категорија, сочинета од лицата кои заради принципот на солидарност по дифолд плаќаат даноци, придонеси, сметки, но плаќаат и за неспособните, неодговорните партиски задници, удобно сместени во министерските, директорските фотељи или во фотељите на разните управни, надзорни одбори, комисии и агенции.
Дали има анализа за тоа колку пари од буџетот се одлеани, колку се во тек на одлевање и колку ќе се одлеат по основ на извршни судски пресуди, а заради незаконски одлуки на неспособни партиски поставени директори? Колку што знам, нема!
МЕПСО, за доброто на сите краделе или како тие велат недозволено земале струја од европскиот енергетски систем, а заради незнаење или неспособност, неплански ги испразнија вештачките акумулации и навремено не обезбедија јаглен за непречена работа на најголемиот енергетски извор во Македонија – РЕК Битола.
Министерствата се посебна приказна, особено МВР и МО, но и другите државни институции кои заради непочитување на потпишаните колективни договори од страна на работодавачите не ги исплатуваат надоместоците кои им следуваат на работниците по разни основи; вршат распоредувања со усни наредби (?!), без соодветн писмен документ – Решение за распоредување; договорите за дело кои траат бесконечно долго, а не шест месеци како што предвидува законот; вршат распоредување на работни места кои се оддалечени повеќе од 50 км од местото на живеење; работите функционираат според систем на усни наредби, без тие некогаш да се потврдат и во писмена форма и покрај постоење на рок за нивно писмено потврдување за 24 часа; се вршат неосновани деградирања и прераспоредувања, се исклучуваат од процесите способни поединци, им се врши мобинг; се обновува возниот парк за функционерите, а оперативните служби немаат основи средства за извршување на задачите ставени во нивна надлежност или ги извршуваат со застарени средства; се водат неосновани дисциплински постапки, во кои се внимава на формата, но не и на суштината, што подразбира изрекување дисциплински мерки, дури и бркање од работа без вистински основ за тоа, за на крај сите тие предизвикани последици мотивирани од субјективни причини, по судско правосилно извршно решение да ги плаќаме ние – ние кои државата не води како социјално незагрозена категорија лица. Сево ова е секојдневие во институциите.
Таква анализа до сега никој не направил, а синдикатот е тој што треба да го отвори овој проблем.
Не сакам да лицитирам, но сигурен сум дека станува збор за трицифрени милионски износи кои државата – Република Македонија, или поточно ние граѓаните, ги плаќаме на фирми и поединци заради незнаењето, неспособноста и хировите на партизираните работодавачи.
Тргнати се процеси кои се надвор од законот и се чини никој не може да им застане на пат.
Така е затоа што сите сме одговорни, а со тоа и виновни за неспосопноста на тие што ги раководат институциите, затоа што еден куп поводливи полтрончија со кои се опкружени, слушаат, оправдуваат и извршуваат се што ќе каже шефот, без разлика дали има законски пречки за тоа или не.
Има и кој да се спротивстави, но тоа се само поединци кои заради својата стручност и личен интегритет, или се донесени до работ на егзистенцијата и со истенчени нерви, неможејќи повеќе да издржат, спасот го бараат преку суд…и го добиваат. Сепак, таа борба со аждерите на институциите во државата трае долго, некогаш и со години, но на крајот по онаа народната, правдата е спора, но доаѓа.
Во таа битка нема победник, затоа што се изгубило многу време, се потрошило многу енергија и пари, дополнително се истенчиле нервите, а службите на институциите застапувале нешто што не се брани, за што земале плата или плаќале услуги на адвокати, за на крај ние граѓаните, олицетворени преку државата да го платиме сиот цех обременет со каматите кои според законот следуваат.
Ова не е новина, не е од сега, ова е појава која трае и се мултиплицира со децении наназад, но во последните десетина години се чини претставува незапирлив процес.
До сега немам слушнато за случај каде што правната служба се спротивставила на одлука на министер или некој директор со образложение дека одредено барање е спротивно на законот и е правно неиздржано. Не, едноставно правните служби се ставени да ги извршуваат желбите на раководителите, а штетата што со тоа ја прават, ниту тие, ниту работодавецот лично нема никогаш да ја покријат, ниту ќе одговараат за неа.
Истото се случува и со јавните набавки, а според законот, одговорен е референтот што ги работи јавните набавки, а не раководителот кој однапред ја договорил работата и наложил распишување на тендер за конкретна фирма.
Кој референт се спротивставил на раководителот и му кажал дека според законот смислата на тендерот е да се поттикне конкуренцијата и принтоа да се добие квалитетна понуда за помалку пари. Такво нешто никогаш нема да слушнете, освен кога шефот ќе си замине од функцијата. Тогаш се отвараат приказните за тоа како биле наместени тендерите, колку пари се дадени, а колку можело да се заштеди ако се било регуларно.
Се додека одговорноста за незнаењето и неспособноста да менаџираат со институциите не се дефинира како чин на лична одговорност која ќе значи и надомест на стварно причинетата материјална штета или загуба за институцијата, главен кадровик во Македонија треба да биде Лидија Димова. Таа успеа да истренира и убаво да воспита магариња, зошто тогаш да не и успее и со партизираните директори, членови на надзорни и управни одбори, чии заеднички именител им е омразата кон неистомислениците, неподнесувањето на тие што знаат што им е работа, одбиваат да свиткаат кичма и заради својата стручност одбиваат да се повинат на директивите што доаѓаат “одозгора”.