Бугарскиот министер за надворешни работи, Светлан Стоев, денеска ги прими амбасадорите на земјите членки на Европската унија и в.д. шефот на претставништвото на Европската комисија во Софија, соопшти прес-центарот на бугарското Министерство.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, министерот Стоев на средбата со амбасадорите изрази надеж дека по парламентарните избори во Бугарија и конституирањето на Народното собрание ќе се формира нова редовна влада.
Во процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, тој ја потврди конзистентната бугарска поддршка заснована на принципот на заслугите на секоја од земјите кандидати. Според него, односите на ЕУ со регионот не треба да се ограничат само на политиката на проширување.
Во тој контекст, бугарскиот министер за надворешни работи ги повика европските амбасадори во Софија на зголемено внимание и посветеност на состојбите во Босна и Херцеговина и во дијалогот Белград-Приштина.
Во однос на почетокот на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ, тој ги подвлече напорите направени во последните месеци од бугарска страна за решавање на отворените прашања со Скопје.
-Истовремено, се уште нема напредок во имплементацијата на Договорот за добрососедство, рече министерот Стоев.
Тој додаде дека бугарската страна се уште чека конкретни чекори од соседот за исполнување на преземените ангажмани, вклучувајќи го и откажувањето од територијални и малцински претензии, прекин со јазикот на омразата кон Бугарија, промена на учебниците во Република Македонија…, гарантирајќи ги правата на граѓаните со бугарска самосвест.
Стоев беше категоричен дека Бугарија не гледа напредок бидејќи нема политичка волја да се решат овие прашања.
Поради ваквата ситуација Бугарија не може да го поддржи одржувањето на првата меѓувладина конференција со Скопје, беше дециден бугарскиот министер за надвпрешни работи.
Актуелниот нацрт на преговарачката рамка за пристапување на РМ исто така не ги одразува предлозите на бугарската страна и затоа Бугарија не може да го поддржи.
Министерот притоа ја потврди постојаната поддршка на Бугарија за Албанија, врз основа на сопствените заслуги.
Тој изрази очекување од земјите од ЕУ за солидарност, како што Бугарија секогаш им покажувала на своите европски партнери.
-Повикуваме на исполнување на очекувањата и реален пристап кон изготвување на претстојните заклучоци за проширување на ЕУ, што ќе овозможат нивна примена.