Високиот експерт на американската влада Ентони Фаучи денеска изјави дека САД се во состојба на висока готовност за новата варијанта на Ковид-19 и повика на вакцинација откако Канада ги потврди првите случаи на новиот сој омикрон.
– Нема потврдени случаи (на Омикрон), но очигледно сме во состојба на висока готовност, рече Фаучи за Добро утро Америка на Еј-Би-Си.
Фаучи, исто така, ги охрабри луѓето брзо да примат вакцини или засилувачка доза вакцини против коронавирус, наместо да чекаат фармацевтските компании да ги приспособат дозите специјално за варијантата Омикрон.
– За варијанта како оваа, иако има многу работи што не ги знаеме за неа, една работа што ја знаеме е дека вакцинираните луѓе се справуваат многу, многу подобро од невакцинираните, а особено кога ќе ја засилите (со трета доза), рече тој.
– Кога сте вакцинирани и со засилувачка доза и нивото на (антитела) значително ќе се зголеми, ќе имате одреден степен на заштита, барем од тешка форма на болеста, појасни Фаучи.
– Силно ви препорачувам сега да примите засилувачка доза, истакна американскиот експерт. ссм/