Швајцарија најави дека од понеделник ќе воведе построги мерки против ковид-19, како дел од борбата на владата да го спречи зголемувањето на бројот на новозаразени, како и доаѓањето на новата варијанта омикрон во земјата.
Владата ја повтори пораката до граѓаните да работат од дома и ќе дозволи пристап до одредени објекти и собири само на лицата кои се вакцинирани или оздравеле од коронавирусот.
Мерките ќе стапат на сила од понеделник, 6 декември, а ќе важат до 24 јануари.
Федералниот совет моментално ја оценува ситуацијата како многу критична, се вели во соопштението на владата.
Појавата на варијантата омикрон, исто така, поставува нови предизвици во одговорот на пандемијата, се вели во соопштението.
Во Швајцарија веќе се потврдени три случаи на омикрон варијантата, соопшти Федералната служба за јавно здравје, каде лицата се ставени во изолација.