Главната научничка на Светската здравствена организација (СЗО) Сума Сваминатан денеска ги повика луѓето да не паничат поради појавата на Омикрон и рече дека е премногу рано да се извлечат заклучоци за новата варијанта.
Во интервју за Ројтерс Некст, Сума Сваминатан рече дека е невозможно да се предвиди дали Омикрон ќе стане доминантна варијанта на коронавирусот.
– Треба да бидеме подготвени и внимателни, но да не се паничи бидејќи сме во поинаква ситуација од пред една година, рече таа.
– Делта сочинува 99 отсто од инфекциите во светот. Оваа варијанта би требало да биде позаразна за да ја надмине Делта и да стане доминантна во светот. Можно е, но не е можно да се предвиди, рече Сваминатан.
– Мора да почекаме, да се надеваме дека е поблага … но прерано е да се заклучи за варијантата како целина, додаде таа.
Таа најави дека СЗО следната недела ќе свика глобална група на експерти за да ги одреди приоритетите за истражување на Омикрон.
Коментирајќи ја потенцијалната потреба од вакцинација со бустер доза против коронавирус еднаш годишно, таа рече дека СЗО се подготвува за сите сценарија.