Судот во Мјанмар денеска ја осуди поранешната премиерка Аунг Сан Су Чи на четири години затвор за поттикнување јавни немири и кршење на санитарните прописи поврзани со пандемијата на Ковид-19, а ваквата пресуда веднаш беше осудена од Амнести интернешнл.
Добитничката на Нобеловата награда за мир, која војската ја отстрани од власт со државен удар во февруари, „е осудена на две години затвор според член 505 (б) и две години според Законот за природни катастрофи“, изјави портпаролот на хунтата Зау Мин Тун за француските меидуми.
На истата казна е осуден и поранешниот претседател Вин Мајнт, изјави портпаролот, додавајќи дека тие засега нема да бидат одведени во затвор.
-Тие ќе треба да одговараат за други обвиненија и тоа ќе се направи од местото каде што сега престојуваат во главниот град Најпидау, рече тој.
Аунг Сан Су Чи (76) се наоѓа во домашен притвор откако на 1 февруари генералите со преврат ја соборија од власта, со што беше ставен крај на краткиот период на граѓанско владеење во Мјанмар, земјата која со децении е управувана од воена хунта.
Хунтата собра обвиненија против Су Чи, вклучувајќи и кршење на законите за службена тајност, наводи за корупција и изборна измама.
Доколку хунтата ја прогласи за виновна за сите обвиненија што се поднесени против неа, Су Чи се соочува со десетици години затвор.
На новинарите денеска не им беше дозволено да присуствуваат на изрекувањето на пресудата во Специјалниот суд во главниот град што го изгради војската, а адвокатите кои ја бранат Су Чи неодамна добија забрана за комуникација со медиумите.
Според локалната невладина организација, повеќе од 1.300 луѓе се убиени, а повеќе од 10.000 уапсени во репресиите што хунтата ги спроведува за задушување на отпорот против пучот од 1 февруари.
Со затворањето на поранешната премиерка Аунг Сан Су Чи мјанмарската хунта сака да ги задуши слободите, реагираше денеска експресно Амнести интернешнл.
„Тешките казни изречени на Аунг Сан Су Чи поради лажни обвиненија се последниот показател за одлучноста на армијата да го отстрани секој глас на опозицијата и да ги задуши слободите во Мјанмар“, се наведува во соопштението на невладината организација.