Без вкус и мирис на домат, со тврда зелена внатрешност и со дебела лушпа-такви се најчесто доматите во последните неколку години. Убави за око, но невкусни за јадење. Ретко каде може да се најдат домати, какви што беа некогаш – меки и вкусни.
Експертите причината за тоа ја гледаат во трговската логика, според која доматите произведени од хибридни семиња се поиздржливи за транспорт и нивниот рок на траење е повеќе од еден месец.
– Во производството и пласманот на доматите се наметна логиката на трговците дека доматите произведени од хибридни долготраечки семиња, кои издржуваат и до 30 денови во магацин, трговецот ќе ги пласира на пазар кога ќе добие поволна цена. Сето тоа е на сметка на квалитет, бидејќи овие хибридни домати имаат дебела кора и дрвена маса, велат експертите.
Позвозрасните земјоделци велат дека од домашните домати нема поубави и повкусни. Додаваат дека таква била струмичката „балка“, која се произведувала во некогашниот Институт за земјоделство во Струмица.
– Кога работеше и постоеше и „Агропромет“ навистина имаше квалитетни семиња. Тогаш имаше гаранција за нивниот квалитет. Сега семето е како мачка во вреќа, велат земјоделци со кои разговаравме на пазарот на големо во Струмица.
И земјоделците се согласуваат дека доматите што се произведуваат во последно време се невкусни, но се принудени да ги користат семињата што им ги нудат трговците, но и да произведуваат домати какви што се бараат на пазарот.
Според Васе Митушев, земјоделец од село Куклиш, можно е појавата на „дрвениот домат“ да е поврзана со климатските промени.
– Според мене високите температури имаат влијание на доматите. За да се одбранат од високите температури пуштаат бели жили во внатрешноста. Секако, во голема мера влијаат и семињата. Кога ќе се спојат неквалитетно семе и високи температури-производот е „дрвен домат“, рече Васе Митушев, земјоделец и производител на домати од село Куклиш.
Според Ристо Велков производител на домати од село Василево и претседател на Сојуз на синдикат на земјоделски производители од Струмица, „дрвените домати“ ги исфрлаат домашните, бидејќи се транспортабилни и имаат подолг рок на траење, што во крајна линија е добро за земјоделците и трговците.
– И во новите семиња има домати што се вкусни, како што се тие од семето „беле“. Некогашното општо прифатено семе, какво што беше „балка“, па и нашиот автохтон домат „јабучарот“, сега се поретко ги има, но тие не траат и не може да се транспортираат. Странските пазари ги бараат „дрвените“ домати и затоа тие ги исфрлаат од нивите некогашните сорти, рече Ристо Велков, производител на домати и претседател на Сојуз на синдикат на земјоделски производители од Струмица.
Додава дека во последно време се актуелни повеќе сорти во зависност од тоа во кој период од годината се засадуваат и се одгледуваат.
Трговците имаат интересно размислување за квалитетот на доматите и за појавата на „дрвените“ и невкусни домати.
Според Ацо Стоилков, од компанијата „Мак Смоларски ној“ главна причина за одгледување на неквалитетни домати е што нема квалитетна контрола на увозот на семенскиот материјал, односно на македонскиот пазар се нуди евтино семе за домати.
– Земјоделците не ги следат новите трендови и потреби на пазарот. Тие едноставно се научени да садат само една сорта домати. Еве, ќе ви кажам нешто што многумина не го знаат. Имено, пред десетина година мои партнери од Германија ми понудија семе за домати, а јас им реков дека имам издржливо семе од одредена сорта. Ми рекоа дека ќе се распрашаат и по некое време ми се јавуваат и ми кажуваат дека таквата сорта на домат ја нема кај нив и не се сади од 1952 година. Како и од каде таа сорта на домат доаѓа кај нас јас не знам, вели Стоилков.
Додава дека неискористен потенцијал кај нас е одгледувањето на шери доматите.
– Нашите земјоделци се научени да произведуваат количина, а не квалитет за висока цена. Има сорти со одредена калибража од 30 до 40 грама чија цена на европските пазари не паѓа под пет евра за килограм. Потоа шери доматите, кои тежат од 10 до 14 грамови, не се продаваат под 10 евра за килограм. Во неколку наврати понудив семе од такви домати, но немаше интерес, бидејќи семето е скапо за нашите земјоделци, заврши Ацо Стоилков, од компанијата „Мак Смоларски ној“.
Инаку, во последно време на домашниот пазар во овој период на годината актуелни се радовишките домати, кои се одгледуваат на отворено и се најбарани поради тоа што се меки и вкусни.
Веќе неколку сезони на пазарот се нуди и „розев домат“, чие семе потекнува од Русија и е најблизок до некогашниот „јабучар“. Според трговците оваа сорта домати освен за домашните не е многу интересна за странските пазари.
Експертите за доматите со тврда зелена и дрвенеста внатрешност велат дека не се штетни по здравјето на луѓето. Нив повеќе ги загрижува неконтрилираното користење пестициди за заштита на културите од болести и непридржување до упатството за времето кое треба да помине од последното третирање до бербата и понудата на пазар.
МИА