Никола ГРУЕВСКИ
Денеска имало нови сведочења од конструираниот предмет на Обвинителството, а по нарачка на власта наречен “Плацеви Водно”. И повторно медиумите кои одработуваат за власта, излегоа со наслови кои се извадени од контекст, со строго селектирани делови од изјавите кои и одговараат на власта, односно Обвинителството. Попладнево ја засилија пропагандата објавувајќи како сум сакал земјиштето каде сум сакал да изградам замок (какви глупости) сум го купил за 140 илјади евра, а сум сакал да го продадам за 1,3 милиони евра, што го вадат од денешното сведочење на Илија Гечев кој подолу ќе видете дека говори за сосема друго земјиште, различно од она за кое ме обвинуваат и сопственост на познати бизнисмени. Така што пропагандата на СДСМ е ставен на најјако во однос на прогоните, а особено за овој случај.
Затоа, го објавувам овој текст, за сите оние кои ги интересира да видат и да споредат. Вака е и за сите други предмети и иако веќе одамна кренав раце од овие објаснувања по другите предмети од политичкиот прогон, следејќи го овој предмет, решив преку конкретни примери и аргументи да потсетам со каква недемократска и тоталитарна власт и од неа контролирано обвинителство и судство имаме работа.
Од досегашните сведочења и изнесени наводни “докази”, веќе се виде дека Обвинителството турка на сила еден политички монтиран процес, празен со докази, па денешните изјави се само продолжение и нови очигледни аргументи во тој правец.
Денес прва сведочела поранешната сопственичка на станот бр.16 во зградата каде живеев – Бисерка Јовковска Ќаева, за кој стан не знам зошто воопшто се води постапка против мене, бидејќи покрај другото самиот сведок на обвинителството Александар Ивановски, уште пред една година давајќи изјава во Обвинителството, исто како и за земјиштето од 2.700 метри квадратни на Водно, самиот кажал дека ги купил со сопствени пари дадени како позајмица на фирма регистрирана на име на неговата секретарка Татјана Стојановска.
Тој додал дека никогаш никој не му дал пари за нив, иако наводно наведува трето лице кое му рекло дека јас сум сакал да ги купам и дека понатаму ќе се средело за плаќање и преземање, но не се средило ништо, па станот и земјата, според самиот Ивановски, си останале де факто негова сопственост, а де јуре сопственост на неговата секретарка. Патем речено трето лице на кое тој се повикува, негираше дека такво нешто побарало од Александар Ивановски.
Оттука, не разбирам за каков купен од мене имот и перење пари ме гонат, односно за што ме гонат, кога самиот нивен главен сведок кажал дека пари не добил ни од мене, ни од никој, а имот е негов и сега.
Како и да е, денес уште еднаш се видела целата пародија на овој случај, односно целото политичко режирање преку притисок на сведоците.
Денеска, според она што дознав, Бисерка Јовковска Ќаева дала, односно веројатно била принудена да даде, целосно различна изјава од онаа која ја дала и ја потпишала како записник во Јавното обвинителство пред околу една година, за купопродажба направена пред цели 12 години. Згора на тоа, таа дала и контрадикторни изјави на поставените прашања, спротивни и од денешниот нејзин првичен исказ.
Па да тргнеме по ред. Во потпишаната во Обвинителството изјава на оваа госпоѓа пред само една година, јасно стои дека таа изјавила дека откако семејно решиле да го продадат нивниот стан од околу 65 метри квадратни, ги информирале “ПОЗНАТИТЕ И ПРИЈАТЕЛИТЕ” и по некое време телефонски и се јавил некој кој се преставил како адвокат (не го именувала кој бил адвокатот), кој им кажал дека е заинтересиран да го купи станот. Откако се договориле за деталите со него, станот го продале на некоја градежна фирма. Дека јас не сум бил во кругот на” ПОЗНАТИТЕ И ПРИЈАТЕЛИТЕ”, произлегува од истата изјава, каде кажала дека до тој момент НИКОГАШ НЕ СЕ СРЕТНАЛА СО МЕНЕ како комшија во ходникот во времето додека нејзината ќерка живеела таму, што е целосно точно.
За разлика од таа изјава од пред една година, на општо изненадување, Јовковска-Ќаева комплетно менувајќи го суштинскиот дел од својата изјава дадена и потпишана пред една година во Обвинителството, денес рекла нешто сосема поразлично, па наместо тоа дека ги информирале ПОЗНАТИТЕ И ПРИЈАТЕЛИТЕ, таа рекла дека ги информирале КОМШИИТЕ, вклучително и мене.
Тоа е неточно, а тоа таа денес во овој контрадикторен исказ уште еднаш го потврдила, бидејќи на прашање на адвокат, Јовковска-Ќаева повторно потврдила дека до тој момент на купопродажба на станот таа никогаш не ме сретнала.
Потоа Јовковска Ќаева рекла дека по кратко време телефонски и се јавиле, сега не е еден туку кажано во множина “АДВОКАТИТЕ” на Груевски и некои посредници, при што ни еден од нив не го именувала по име, за да го прашаме дали е така.
Но, уште почудно е што на прашање како знаела дека тоа се мои адвокати, таа одговорила дека НЕ ЗНАЕЛА дека се мои адвокати. Реагирал и адвокатот назначен по службена должност, потсетувајќи ја на нејзината изјава во Обвинителството, но, кој денес гледа суштина.
Одејќи по аналогија на другите монтирани предмети, судот при пресудата најверојатно ќе ја извлече само онаа реченица која го поткрепува обвинението на Обвинителството, а другото нема да се спомне во пресудата. Тоа што не се знае ни кои се тие адвокати, ни можност ако ги каже да ги викнеме и нив да сведочат, кои се тие посредници, тоа што прво рекла дека се мои адвокати, па порекнала, тоа се ќе отиде во заборав и ќе се извлече само една реченица која оди во прилог на прогонот. Така ќе биде и со сите други сведоци.
Ова го говорам на база на минати искуства во други предмети кои се дел од политичкиот прогон.
Впрочем во предметот Тенк, толку многу се брзаше, што Обвинителството веројатно немало време да направи притисок на сведоците, па сите нивни сведоци, сите до еден, сведочеа во моја корист, и пак ме прогласија за виновен. Затоа велам дека сите овие судења се фарса, претстава, со однапред познат исход, со однапред договорени пресуди, со ретки исклучоци.
За разлика од првиот сведок, вториот сведок бизнисменот Илија Гечев сосема коректно ја дал својата изјава и очигледно не подлегнал под притисок, доколку го имал. Тој нема никаква врска со ова земјиште од 2.700 метри квадратни, но на обвинителката и “светнало” дека во некој друг предмет имало негова изјава за друго земјиште во близина на ова за кое ме теретат и тоа го видела како добра можност да го подметне на судот овој сведок како сведок за земјиштето за кое ме теретат. Прилично нечесно.
Имено, Илија Гечев кажал дека некаде во 2011/2012 година бил известен од Миле Јанакиески дека се продава некое земјиште од 1.200-1.300 метри квадратни на Водно. На прашање на адвокатот дали се согласува дека земјиштете било големо 1.200-1300 метри квадратни, а не 2.700 или 11.000 метри квадратни, за кои ме теретат, Илија Гечев одговорил потврдно и тука е првото разоткривање на валканите намери на обвинителството.
Второто разоткривање е што самиот Гечев кажал дека адвокатот на сопствениците на земјиштето, со кој тој разговарал за ова земјиште, извесен Ерол Хасан, самиот му кажал дека ги застапува и дека сопственици на тоа земјиште се семејството Панделевски.
Овој навидум не многу значаен сведок, всушност го разоткри начинот како работи Обвинителството под контрола на власта, кое во недостаток на елементарни докази и аргументи во овој случај се обидува да подметне “кукавичко јајце” на судскиот совет и на јавноста.
Третиот и последен денес сведок е личност која 20 години била секретарка на сведокот Александар Ивановски, извесна Татјана Стојановска, која на прашање на одбраната одговорила дека никогаш во животот не ме сретнала лично, ниту со мене разговарала по телефон, што е точно.
Таа прераскажала дека нејзин единствен извор на информации бил нејзиниот претпоставен кому му била секретарка и доверлива личност, Александар Ивановски. Ако и кажел тој дека земјиштето е за “Горан, брат му на Зоран” таа веројатно денес ќе го раскажеше тоа.
Таа кажала дека Александар Ивановски побарал од неа, во различни наврати, да купи едно земјиште и два стана на нејзино име. И рекол дека сите три се за Груевски, односно дека јас сакам да ги купам, ама не сум сакал на мое име.
Значи од толку многу познати и пријатели, сум одбрал да купам имот на име на личност која никогаш до ден денешен не сум ја видел или чул по телефон, а во тоа време, до 2009 година не го познавав ни нејзиниот претпоставен Александар Ивановски, кој патем во неговата изјава во Обвинителството кажал и кога подоцна сме се запознале за негови службени цели и сме се сретнале два или три пати во животот и една случајна средба, никогаш не сум го прашал за тој имот, ниту тој мене ме прашал. Многу нелогично.
Така, г-ѓата Стојановска во одбрана на својот шеф, раскажала и дека купила и помал стан-гарсоњера од околу 40-тина квадрати со истото објаснување од нејзиниот шеф, но додала дека парите и ги дале некои луѓе на премиерот Груевски, ама не знае кои биле тие луѓе. Кога би знаеле, би можел судот да ги викне тие луѓе во судот да сведочат. Но, Обвинителството не сака така, па затоа се оди со фразата “НЕКОИ ЛУЃЕ”.
Немојте да се изненадите ако со изјави од типот “НЕКОИ ЛУЃЕ” или “НЕКОИ АДВОКАТИ”, или “НЕ ЗНАМ ОД КАЈ ДОЈДОА ПАРИТЕ”, “Јас така сфатив ама после па сфатив дека не е така” и слични изјави ме прогласат за виновен и да ме осудат. Па ме имаат осудено и со полошо од ова.
Инаку познато е од пишаното во медиумите дека во тој период Александар Ивановски бил со започната или бил пред започнување на бракоразводна парница, па за да не се доведе во ситуација да го дели овој имот со сега веќе поранешната сопруга, знаејќи дека становите се во моето соседство, можеби ја употребил таа приказна пред неговата секретарка и таа денес го прераскажува тоа.
За него е исто така познато од медиумите дека бил повикуван од истата обвинителка во предметот “Империја”, а се шпекулира и дека за тоа е уценет, како и со упадот на финансиската полиција во контрола на неговите фирми неколку месеци пред да стане соработник на Обвинителството за овој предмет.
Впрочем, во оваа постапка, во недостаток на докази, главните сведоци на обвинителката се лица против која истата води други судски постапки, како, на пример, Мартин Протогер, Миле Јанакиески, Александар Ивановски, а повикуван во Обвинителството за други предмети уште од поодамна како што и самиот кажа бил и Владимир Чинговски, како и Александар Јанакиески и други.
Г-ѓа Стојановска на прашањето околу бракоразводната парница која следи по овие купопродажби одговорила дека немала информации за приватниот живот на Александар Ивановски, но изненадувачки, на прашање, одговорила дека тој никогаш не го користел тој имот за кој ме теретат, иако теоретски не може да знае што тој правел приватно после работното време, а и самото изнајмување на становите во време кога веќе немам никаква државна или партиска функција, односно некаква политичка моќ, е еден вид користење на тој имот.
Има и еден важен детал кој денеска е одговорен неточно од сведокот Татјана Стојановска. Таа била прашана дали јас на некој начин сум и се обратил за да почнам да ја плаќам закупнината кога пред една година за тоа дојде време согласно договорот, откако истече рокот за одбивање на закупнината од средствата вложени во инвестирање во реновирање на тие два стана, а што е согласно договорот за закуп, таа одговара дека не сум се обратил.
Спротивно на тоа, јас иако не ја познавам лично, не можејќи да стапам во контакт со Александар Ивановски, успеав некако да ја најдам нејзината адреса пред 9-10 месеци и испратив преку ДХЛ писмо со кое побарав да ми ја достави нејзината банкарска сметка која не е вметната во договорот за закуп, за да започнам со исплатите на месечната закупнина.
Со оглед на тоа дека пратките на ДХЛ можат да се следат преку интернет дали се примени, знам дека е примена. Со оглед на тоа дека ја примила, консултирајќи се со искусни лица во правото, таа веројатно била задолжена истата да ја даде на Обвинителството, па ако судот сака да ја утврди вистината, може да го провери тоа со Обвинителството. Како и да е, немаше никаков одговор на тоа мое барање од г-ѓата Татјана Стојановска, иако во писмото имаше прецизни адреси каде може да ја достави нејзината банкарска сметка.
На крајот прашана од адвокатот дали таа реално знае или само претпоставува дека тој имот бил мој, сепак чесно одговорила дека само претпоставува, што е сосема логично бидејќи таа се повикува само на кажаното кон неа од Александар Ивановски.
Овие конфузни изјави на Јовковска Ќаева и Татјана Стојановска, во нормално судство не би се земале како некаков аргумент во корист на Обвинителството, туку како неуспешен и неуверлив обид да докажат нешто. Изјавата на Илија Гечев би требало да е аларм за судскиот совет дека Обвинителството се обидува да подметнува лажни аргументи и дека треба да се уште повнимателни.
Во прилог е содржината на писмото испратено по ДХЛ до Татјана Стојановска за кое има потврда од ДХЛ дека е примено (од разбирливи причини во овој напис не се прикажани адресите):
——————————————–
29.01.2021 година
За Г-ѓа Татјана Стојановска
На 03. Септември 2018 година потпишан е договор помеѓу Вас од една страна и мене од друга страна за закуп на стан на ул.********************** во Скопје со површина од 46мкв и уште еден договор потпишан на 14.Септември 2018 година помеѓу фирмата ДГИ ИТК Инжињеринг груп чии сопственик и управител сте Вие, од една страна и од мене за закуп на стан на ********************** со површина од 67мкв. Двата договори се потпишани со рок на важност од пет години а поради вложените инвстиции во двата стана дел од тие договори е и одредба со која висината на инвестицијата се одбива од месечната кирија во период предвиден со тој договор.
Со оглед дека истече периодот во кој се одбиваше месечната закупнина на закупените становите од вложените средства во инвестицијата во двата стана, согласно тој договор потребно е да продолжам со редовно месечно плаќање на закупнината, согласно двата договори. Заради таа цел Ве молам да ме известите на кои банкарски сметки да ви бидат плаќани месечните закупнини.
Со обзир на моето отсуство од државата, известувањето можете да го испратите на мојот е маил ********************** . Како алтернатива, известувањето можете да го пратите писмено или лично на мојата сопруга Боркица Груевска на адреса **********************или на нејзиниот е маил: **********************.
Со почит,
Никола Груевски