Пратеникот Кастриот Реџепи е убеден дека Македонија до крајот на јануари ќе ја стартува европската приказна, објави ТВ Сител.

Пратеникот на Беса, кој прво стави потпис, а потоа во последен момент се предомисли за недоверба на Владата, поради убедување од непознати европски партнери и вести што ги слушала неговата сопруга, дека Македонија е пред неповторлива можност, сега повторно вели дека сите домашни и меѓународни информации се позитивни.

– Многу сме блиску да се надминат пречките и да започнеме разговори. Имаме информации и од претставници на државите од Европската Унија, од САД, но исто така и од Владата. Бевме брифирани од премиерот (Зоран Заев) за време на координацијата на партнерите на мнозинството каде што беше кажано дека веќе е испратен документот како одговори на барањата за дообјаснување на некои точки кои беа пречка, рече Реџепи во изјава за ТВ Сител.

Завчера и вицепремиерот Артан Груби беше убеден оптимист дека „има француска иницијатива“ за решавање на проблемот со Бугарија и добивање датум, но набргу и овој балон беше издишан со деманти од Софија дека првпат слушаат за таква иницијатива.