„Сега имаме четири години во кои што сакаме да изградиме едно комплетно нова приказна и затоа мотото, слоганот на Конгресот е нова генерација за новите времиња кои што доаѓаат. Тука клучот е овој т.н. нов договор кој што сакаме и ќе го понудиме во следните денови, да го понудиме на сите општествени структури. Мислиме дека постојат неколку прашања во општеството за кои што мора да имаш и широк, општествен и политички консензус и не само помеѓу клучните политички партии во Македонија, туку и една поширока група на луѓе кои што имаат свое општествено влијание, тука е Академијата, тука се Универзитетите, тука е и јавноста, новинари, медиумите, тука е целата онаа интелектуална маса во различни сектори која што работи и сакаме со сите нив да разговараме“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Студио 10“ на 24 телевизија.
Николоски како за пример ја посочи и точката за владеење на правото, каде што конечно мора да се стави крај на личните интерпретации, но исто така да се даде сигурноста на оние кои што ќе влезат во таа битка. Според него за жал на македонските улици особено во Скопје, во поголемите урбани центри има дрога како никогаш претходно. И тоа уништува генерации. Од прилика од безбедносните служби точно знаат како таа дрога стига на улиците и кои условно кажано ја продава. Доколку тие што работат на ова, полицијата на пример се свесни дека ќе имаат континуирана заштита до пензија , до крајот на животот затоа што се соочуваат со тешки криминалци од другата страна, Николоски е убеден дека тогаш полицијата ќе работи многу поквалитетно.
„Мора да има јасен политички консензус помеѓу главните политички партии и останатите, не знам овдека можат да влезе и Факултетот за безбедност, и други чинители и да се каже дека ќе има професионални единици кои што ќе се занимаваат со тие работи. И кои што ќе бидат недопирливи за врвот условно кажано за МВР, ако сакате и нема да има можност било како да влијае било која политичка одлука врз нив и дека ќе бидат заштитени со дополнителни бенефиции, зголемување на плати и заштита на нивен идентитет“, појасни Николоски.
Николоски посочи дека овој нов политички договор, идејата е да вклопи што повеќе сегменти во себе. Еве на пример во делот на економијата, ВМРО-ДПМНЕ смета дека Македонија мора да продолжи да биде земја со најниски даноци. Овој степен на економски развиток доколку даноците растат не носи повеќе пари во Буџетот туку носи повеќе сива економија. Бизнисот не може да издржи повеќе повисоки даноци имајќи ја в предвид целокупната ситуација. Во едни други времиња 10% рамен данок беше најнизок данок во Европа. А, тоа го видоа многу држави и почнаа да го следат од соседството и пошироко. Но, за жал веќе Македонија нема најнизок данок, а имајќи предвид дека оваа Влада ја зголеми и основицата за оданочување без разлика што тој данок номинално е 10% во суштина е 15-тина проценти. Идејата на ВМРО-ДПМНЕ е да се намали на 8% и персоналниот данок и данокот на добивката и така повторно Македонија би била земја со најнизок данок. А, за младите и оние кои што реинвестираат да е 0%.