Од први јануари идната година недела ќе биде неработен ден, а исклучок ќе бидат само некои дејности. Собранието со 62 гласа за го усвои законот, а министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вели дека со овие законски измени се овозможува постигнување баланс меѓу приватниот и професионалниот живот.
„Со ова законско решение 92 проценти од работниците ќе имаат можност во недела да практикуваат семејни, меѓутоа и социјални дружења, на тој начин генерирајќи поголемо задоволство и поголема мотивираност што ќе доведе до зголемување на продуктивноста во компаниите и во јавните институции каде што ќе работат. Законското решение предвидува додаток на плата од најмалку 50 проценти за секој изминат час на работа и ден на неделен одмор кој ќе се користи во следните седум дена“, истакна Јагода Шахпаска.
Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овој закон е далеку од идеален и оти за него забелешки имале и синдикатите и работодавците. Власта ќе биде одговорна за тоа како овој закон ќе влијае врз работниците, кој истовремено е дискриминаторски, бидејќи не се однесува на сите работници еднакво. ВМРО-ДПМНЕ за овој закон воопшто не гласаше.
„Да се надеваме дека со овие измени нема да дојде до тоа работодавачите да имаат алиби дека нема доволно заработувачка поради неработењето во недела па да дојде до отпуштање на работниците. Преку последната алинеја од ставот три стои дека и други дејности кои не се опфатени со овој став ќе треба да работат во недела. На овој начин се прави манипулација со работникот и се дава можност на работодавачите да го изиграат законот“, вели Ангелика Петкова.