Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев го одби барањето за изземање на судијката Добрила Кацарска од постапката за настаните во Собранието на 27 април минатата година.
Кацарска на продолжението на рочиштето попладнево му го достави решението на адвокатот на пратеникот Јохан Тарчуловски, Антонио Апостолски, кој побара нејзино изземање бидејќи се сомнева дека таа е во роднински врски со некој од оштетените во предметот.
По паузата што беше дадена поради барањето за изземање, судењето попладнево продолжи со сведочење на пратеникот Ферид Мухиќ.
Претходно, за настаните од 27 април минатата година сведочеше Сашко Коцевски , вработен во Собранието задолжен за електронскиот систем, вклучување на микрофоните и на системот за гласање.
Тој рече дека собраниската седница тој ден имала нормален тек се додека тогашниот претседател Трајко Вељаноски не му дал збор на пратеникот Зекирија кој ја интонирал химната на Албанија што ги вознемирило пратениците од опозицијата и дел од мнозинството.