Страшо АНГЕЛОВСКИ

Крајот на годината некако како да ни налага  осврти или констатации на случувањата, дали за годината што изминува или за подолг период, сеедно. Оттука, текстов нека биде осврт и констатација на нештата што на  и во Република Македонија и се случуваат веќе триесет години. Истовремено и предлог име “за внатрешна употреба“, име кое на државава единствено и доликува – Република Уценета Македонија.

Имено, веќе триесет години, единствена држава во светот која е под постојана уцена од таканаречената меѓународна заедница е токму Република Македонија. Веднаш по референдумски возобновената држава на македонскиот народ како независна, самостојна и суверена, затекнати со повторното отворање на македонското прашање кои тие сметаа дека “успешно го затвориле“ во Букурешт 1913 година, соседните држави и големите европски сили, потписнички на договорот во Букурешт, одново мака мачат да го затворат македонското прашање преку целосно исчезнување на македонскиот народ.

И, откако, во деведесеттите, вака или онака, ги “убедија“ тукушто воспоставените македонски политички елити во безалтернативноста од членството на Македонија во воената НАТО алијанса (која со измама продолжи да егзистира и после распадот на Варшавскиот пакт, чија противтежа беше во годините на студената војна), но и во Европската Унија како единствен сојуз на држави изграден врз “демократски основи“, како промотор на “вистинските“ вредности, започна процесот на уцени, токму заради нашето неизвесно членство во овие сојузи. Значи, најпрво ни ги наметнаа целите кон кои, замислете, и нашите претци се стремеле низ вековите, за да токму заради наметнатите цели може да не уценуваат.

Па така, започнаа уцените на “меѓународната заедница“. Најпрво, да го смениме симболот на државата, знамето со шеснаесетзрачното златно сонце, членот 49 од Уставот за грижа за македонското малцинство во соседните држави и, да прифатиме времено име – БЈРМ – заради членство на државава во Организацијата на Обединетите Нации. И, наместо ООН да ја заштити младата држава за што впрочем и постои, подлегна на уцените на големите сили и дури, им се приклучи. Преседан невиден во светската историја.

Потоа, таа иста “меѓународна заедница“, откако вооружа и инсталира терористички банди на територијата на државава, со уцена и притисок го издејствува Рамковниот договор со кој ја укина националната држава на македонскиот народ. Национална држава, гордост на сите соседни и сите европски народи.

Па, следуваше процес на уцени и притисоци заради промена на името на државава и целосно бришење на идентитетот на македонскиот народ. Процес на уцени кој се пресели и во внатреполитичките односи во државава.

УЦЕНИТЕ – УСПЕШЕН МЕТОД ЗА ВНАТРЕШНО РАЗНЕБИТУВАЊЕ

Откако на Заев му испорачаа прислушувани разговори од политичари, судии, бизнисмени, новинари, тие, од “меѓународната заедница“ го суспендираа процесот на политичка борба и политичко одлучување и судбината на државата ја ставија во рацете на уценувачот со неограничена моќ, Зоран Заев. Неограничена моќ преку политички, бизнис, интимни и какви не разговори, тајно снимани и архивирани во сефот на Заев. И, оттогаш започнува процесот на уцени и рекетирање( што е друга приказна, бидејќи за да не им бидат објавени прислушуваните разговори, многумина си платиле милиони евра). За да не се разбереме погрешно, уценувачот е повторно “меѓународната заедница“, а Заев е извршителот на валканите работи.

Можеби некоја од алките ќе испуштам, но синџирот на уцени одеше вака:

Најпрво беше уценета легитимната и легална Влада да донесе некакви “пржински правила“ и да распише предвремени избори со датум по желба на уценувачот; беше уценета ДУИ да формира Влада со поразениот, со партијата на уценувачот – СДСМ; беа уценувани граѓаните да излезат на референдум, но бидејќи за нив немаше прислушувани разговори, уценувачот Заев не успеа во уцената, па, референдумот беше неуспешен; беа уценети осуммина пратеници за да гласаат за уставните измени и промена на името на државава и бришење на македонскиот идентитет; во меѓувреме, уценетите, оние од ДУИ почнаа да уценуваат за да се сочува Владата на уценувачот Заев; се разбира, уцените на Софија и Атина си продолжија во континуитет за цело ова време; судиите беа уценувани да судат според желбата на уценувачот Заев; интелектуалците беа уценувани  да размислуваат за “придобивките“ од промената на името и себеукинувањето; најсвежо, еден пратеник беше киднапиран и уценет да не гласа за ново парламентарно мнозинство…

Уцените станаа наше секојдневие и, како комбинација од внатрешни и надворешни, се закануваат да ја одведат државава на патот на непостоењето. Се разбира, планерите на големата игра за бришење на македонското постоење, го користат експериментот со жабата кој се покажува исклучително успешен. Имено, кога жабата наеднаш ја фрлиле во сад со врела вода таа не можела да ја издржи врелината и реагирала. Кога, пак, ја ставиле во сад со студена вода и полека ја загревале, таа издржала и поголема температура отколку онаа на која наеднаш била изложена, без притоа да реагира.

Ете така, како со експериментална жаба се постапува со македонскиот народ. Полека полека се загрева котелот во кој тој треба да исчезне и да се затвори македонското прашање.

Зашто, Сталин запрашан за многубројните егзекуции, саркастично одговорил дека со смрта на човекот завршуваат сите проблеми. Некој се надева дека со смртта на едн народ, ќе завршат проблемите. Но, никој не успеал да убие народ, посебно не македонскиот. Да сте ми живи и здрави и во новата 2022 година, Македонци.

(авторот е претседател на МААК)