Периодот на владеење од 2017 година до денес најдобро се карактеризира со синтагмата „понижена држава“, дури може да се искористи терминот „демакедонизација на Македонија“, вели претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев во вчерашното интервју со новинарот Љупчо Цветановски во рамки на емисијата „Што не е јасно?“ на ТВ Алфа.

Македонските влади, главно, но посебно во изминатите неколку години, не се ниту политички, ни експертски, ниту компетентни, посочи академик Коцарев, кој цени дека спротивно на тоа, владите се резултат на пазарења и уцени, тие се партиско-етнички, некомпетентни, коруптивни и нефункционални, што ја прави подредена улогата на парламентот, институциите, администрацијата и правосудниот систем. На прашањето како понатаму и кои се чекорите што треба да се направат за да, конечно, излеземе од таа криза, претседателот на МАНУ вели дека постојат четири сценарија за иднината на Македонија.

Во продолжение, проследете го интегралното интервју со академик Љупчо Коцарев и неговите размисли за најбитните настани во 2021-та, за македонскиот јазик, предавствата на премиерот во заминување и за настаните на глобалната политичка сцена.

ЦВЕТАНОВСКИ: Повод за ова интервју се годината што заминува и вашата книга со наслов „За македонските работи“ што неодамна излезе од печат во издание на „Матица македонска“. Кои настани, по ваше мислење, ја одбележаа Македонија во 2021 година?

АКАДЕМИК КОЦАРЕВ: Од многубројните настани, сепак, ќе набележам само два коишто доминираа во 2021 година: 30 години од независна Македонија и 100 години од раѓањето на Блаже Конески, првиот претседател на МАНУ. Во Годината во чест на Блаже Конески, ред е уште еднаш да се потсетиме на континуитетот на нашето духовно траење и на нашата опстојба во периодот од школата на Климент Охридски до школата на Блаже Конески што се нераскинлив дел од нашето суштествување.

Непристрасна анализа на поздравните обраќања на свечениот дел од научниот собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“, како и нивниот прием и реакции кај дел од медиумите, укажуваат на два неспорни факта. Прво, и покрај различните рамки на наративниот дискурс и пристапот во обраќањата за дел од клучните прашања, сепак, несомнено е дека постои одреден степен на совпаѓање меѓу гледиштата на претседателот на МАНУ и претседателите на Македонија, поранешните и сегашниот. Второ, реакцијата на провладините апологети беше Ad Hominem, или, со други зборови, тие не ги нападнаа аргументите во обраќањата, туку говорниците, што всушност е потврда дека аргументите не само што не се спорни туку се општоприфатени.

Ако треба да се издвои клучна порака од сите обраќања на свечениот научен собир, но и од моите пишувања, анализи и слова од јануари 2020 година до денес, тогаш таа се сведува на следната заедничка нишка: на Македонија ѝ е потребен нов фундаментален документ – „платформа“ (според зборовите на Црвенковски), „општествен договор“ (според зборовите на Иванов), или „широк, национален и државен консензус за развој“ (според зборовите на Пендаровски), при што документот треба да биде „поддржан од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција“ (Пендаровски).

Вториот дел од пораката е круцијален и затоа ќе го повторам: документот треба да биде поддржан од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Но, зафат од вакво значење не смее да се остави само на волјата на оние што имаат политичка моќ, туку е нужно не само да се консултира туку и да се вклучи академската и интелектуалната јавност. За жал, историјата на современата македонска држава нè учи дека вториот дел од пораката нема лесно да се оствари. Во продолжение ќе наведам само два примера што го поддржуваат моето мислење. Прв пример – во 1997 година МАНУ издаде „Национална стратегија за економскиот развој на Република Македонија“ подготвена од стотина научници, експерти и деловни луѓе. Чуму? Таа стратегија остана во фиоките на МАНУ, или поточно кажано во фиоките на соодветните институции до кои беше дистрибуирана, незабележана, непрочитана и нереализирана само од една причина: таа не беше поддржана од оние на кои им беше упатена и кои требаше да ја реализираат – политичките центри на моќ. Втор пример – во 2021 година, МАНУ и сите образовни и научни институции во државата, јасно и гласно искажаа недоверба во реформите во образованието. Чуму? Кога реформите, иако целосно бесмислени, со несогледливи штетни последици за иднината на младите генерации и на Македонија, продолжија да се имплементираат.

ЦВЕТАНОВСКИ: По подолг период, МАНУ се врати на македонската општествена сцена, реагирајќи на девијантните и антинацинални појави кои следуваа. Како ќе ја оцените работата на МАНУ во изминатата година, одговори ли на задачата?

АКАДЕМИК КОЦАРЕВ: МАНУ ја сочинуваат 35 члена во работниот состав, од кои 29 академици и 6 дописни членови, а вкупниот број на вработени изнесува 66, при што 31 се научни соработници. За споредба, во Бугарската академија на науките работат околу 3.000 научни работници, односно 100 пати повеќе од научните соработници во МАНУ, иако бројот на жители во Бугарија е само 4 пати поголем од оној во Македонија. И покрај овие поразителни показатели, сепак, со гордост можеме да истакнеме дека членовите на МАНУ бележеа и бележат значајни научни и уметнички достигања, препознатливи за МАНУ, како водечка научна и уметничка институција, при што голем дел од нив се и од светски размери. Освен тоа, академиците беа присутни во јавноста и преку разни јавни настапи, бројни интервјуа, анализи и колумни за тековните збиднувања во Македонија поради што би сакал лично да им се заблагодарам за тој дополнителен јавен ангажман кој Академијата ја доближува до пошироката јавност во согласност со нејзината општествена одговорност да говори за клучни општествени прашања.

И покрај отежнувачките околности за организирање настани во услови на пандемија, Академијата успеа да организира и одржи неколку значајни настани во текот на оваа 2021 година, од кои ќе набројам пет:

• На 20 декември 2021 година се одржа Свечениот собир по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески на којшто беше промовирано критичкото издание на неговите целокупни дела во 12 тома.

• На 27 и 28 септември 2021 година се одржа свечен научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“.

• На 15 јуни 2021 година се одржа научен собир посветен на Крсте Петков Мисирков, во чиј рамки беше извршено свечено откривање на скулптурата „Портрет на Крсте Петков Мисирков“ од академик Боро Митриќески.

• На 19 мај 2021 година се одржа научна конференција на тема „Предизвици на фискалната политика во периодот на пандемијата од ковид-19 и перспективи во посткризниот период“ организирана во соработка со Министерството за финансии.

• На 19 мај 2021 година се одржа промоција на специјалното издание „Прилози за историјата на Македонија и македонската култура“, приредено од академик Катица Ќулавкова.

Што се однесува до актуелните збиднувања во Македонија, би сакал посебно да го истакнам придонесот на МАНУ преку Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ во справувањето со пандемијата на ковид-19 во нашата земја.

Секоја година МАНУ спроведува обемна и импозантна научна и уметничка дејност. Тековно, во МАНУ се реализираат голем број проекти финансирани од странски извори. Моментно, проектите се финансирани од ЕУ-програмата „Хоризонт 2020“ (2 проекта), германската влада (Германската фондација за истражување), американската влада (Националниот институт за здравство на Америка), британската влада, УНДП, фондовите ПОНД и ЦЕПФ (фондови за заштита на екосистемите), Алцхајмеровата асоцијација од САД и од голем број странски приватни агенции и фирми. Тука би сакал да издвојам дека и во 2020 и во 2021 година, тројца членови на МАНУ се прогласени за 2 проценти највлијателни, најцитирани и водечки научници на планетарно ниво од страна на универзитетот „Стенфорд“, САД. Сета ова зборува дека МАНУ има исклучителна репутација во научниот свет на глобално ниво.

ЦВЕТАНОВСКИ: Како што кажавме на почетокот, еден од поводите за интервјуто е и вашата неодамна објавена книга, „За македонските работи“. Верувам, не случајно избран наслов, кој соодветствува со монументалното дело на македонскиот великан Крсте Петков Мисирков. Кои се паралелите со него и актуелната порака на вашето најново дело?

АКАДЕНИК КОЦАРЕВ: Ниту јас, ниту оваа книга не може да се споредат со Мисирков и неговото монументално дело. Со насловот сакам да пратам порака дека, од една страна, не сме народ без корен, па затоа треба да се спротивставиме на обидите за демакедонизација на Македонија, а од друга страна, предците, нивното творештвото, нивните песните обврзуваат, или со зборовите на Блаже Конески: „Неук, си мислев: / па тие така / случајно се јавуваат. / А сега назад погледнувам, / гледам – / па тие ме обврзуваат!“ Но, да дополнам, и напред да погледнам, во иднина, гледам – тие уште повеќе ме обврзуваат.
Поврзано со ова, би сакал да потсетам, да подвлечам, да истакнам две работи.

Прво, во 2019 година предложив, во согласност со воспоставената практика при основањето на нам блиските академии САНУ и БАН, историјата на МАНУ да започне со 28 октомври 1902 година, денот кога е формирано Македонско научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Во таа смисла ако овој предлог се прифати, во 2022 година ќе се одбележи 120-годишнината од постоењето на МАНУ.

Второ, мојот далечен предок Анастас Коцарев (Охрид, 1889 – Женева, Швајцарија, 1931), научник којшто прв во светот направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак и соработник на нобеловката Марија Кири, го посвети својот животот за македонската кауза, залагајќи се за „единствена и независна Македонија“.
Така, уште еднаш да нагласам, безрезервно треба да се почитуваат сознанијата на општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет. Во книгата се поместени дел од моите општествени активности – есеи, обраќања, беседи и слова – во 2020 и 2021 година. Тие размисли и согледување за Македонија се организирани во три дела: „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: како понатаму?“, „Предизвици во науката“ и „Интервјуа“, додека на крајот на книгата е поместен „Македонскиот манифест“.

ЦВЕТАНОВСКИ: Македонија е дел од глобалната прикаска. Кои, според ваше мислење, се најзначајните предизвици со кои денес светот се соочува?

АКАДЕМИК КОЦАРЕВ: Ќе назначам три предизвици: климатските промени, справувањето со пандемијата на заразата со ковид-19 и гео-политичкиот поредок.

Прво – климатските промени. Во 2021 година, државите повторно покажаа дека неуспешно се справуваат со климатските промени. Годинашниот извештај на ОН, што содржи 4000 илјади страници, заклучува дека човештвото се соочува со катастрофални климатски промени, за што сме сведоци катадневно, па така екстремните временски услови доминираа во вестите во 2021 година, како, впрочем, и во поголемиот дел од изминатата деценија. Така, на пример, во 2021 година рекордна суша го погоди американскиот југозапад, екстремни поплави ги опустошија Белгија и западна Германија, епски пожари ја зафатија Грција, додека монсуните од крајот на сезоната ги опустошија Индија и Непал. На 26-та конференција на ОН за климатски промени што се одржа во ноември 2021 г. во Глазгов, земјите ветија дека ќе преземат чекори за справување со климатските промени, вклучително и со намалување на емисиите на метан. Но, ветувањата не се достигнувања. Емисиите на јаглерод се покачија во 2021 година, додека глобалната економија повторно заживеа.

Второ – пандемијата на ковид-19. Со крајот на 2021 година се заокружуваат речиси две години од пандемијата и една година од почнатото закрепнување од неа. Без разлика на состојбите во поединечните држави, ковид-19 остана доминантен предизвик што го дефинира и обликува секој аспект од животот. Така, ковид-19 ги тестираше ефективноста на државата, социјалната кохезија и меѓународните односи, изнудувајќи итни и сложени одлуки, особено во воспоставувањето рамнотежа меѓу државната моќ и правата на граѓаните, од една страна, и рамнотежа меѓу краткорочниот национален интерес и колективното глобално добро во производството и дистрибуцијата на вакцини, од друга страна.

Вакцините против ковид-19 пристигнаа, но вирусот во меѓувреме почна да мутира. Во првите единаесет месеци од 2021 година, повеќе од 7,4 милијарди дози вакцини беа испорачани, но, за жал, премногу луѓе кои можеа да се вакцинираат избраа тоа да не го направат, додека, пак, премногу луѓе кои сакаа да се вакцинираат тоа не можеа да го направат. Ваквата состојба има круцијални последици затоа што вирусот неверојатно брзо умее да се приспособи, да мутира. По варијантата делта, која првпат беше идентификувана во декември 2020 година во Индија, во ноември 2021 година, јужноафриканските научници идентификуваа нова мутација – омикрон. Годината 2021 пополека заминува, а бројките се неумоливи: повеќе од 5 милиони луѓе на планетата Земја и скоро 8000 жители на Македонија починаа од ковид-19.

Трето – геополитичкиот поредок. Во 2021 година бевме сведоци на широк спектар на предизвици со кои се соочува меѓународниот поредок, при што, сѐ поприсутниот и посложениот ривалитет меѓу големите сили прераснува во круцијален фактор за иднината на човештвото.

Геополитичкиот поредок денес е мултиполарен и се обликува, главно, од меѓусебните односите на трите суперсили (наведени по азбучен редослед) Кина, Русија и САД. Тука, се разбира, не треба да се заборави и ЕУ, но, според некои аналитичари, „без Франција и Германија, ништо не може да се придвижи во ЕУ“, од една страна, а „на Берлин и на Париз им е сè потешко да постигнат компромиси со кои ќе го запалат моторот на Унијата“, од друга страна. Таквиот мултиполарен поредок има структура, па така на пример, Кина и Русија веќе подолго време негуваат воена соработка, којашто резултираше, во август оваа година, руските трупи да станат првите странски сили кои се приклучија на редовна кинеска вежба, како и најавите за заеднички развој на воени хеликоптери, системи за предупредување на ракетни напади, па дури и изградба на истражувачка станица на Месечината.

Интересна е меѓусебната перцепција на големите сили. За некои аналитичари главниот заеднички интерес на Кина и Русија „е всушност, идеолошки – тие се обидуваат да го поткопаат демократскиот и либерален Запад“. За други, пак, „и Кина и Русија чувствуваат дека САД се лицемерен агресор кој има намера да го редуцира нивното значење за да ја одржи хегемонијата.“ Да се потсетиме дека иако САД има малку вистински колонии: Порторико, Гуам, Самоа и неколку други помали острови, военото присуство на Америка во светот е сеприсутно – околу 200 илјади лица се распоредени во околу 800 прекуокеански воени бази, во над 150 држави. Меѓутоа, треба да се потенцира, дека ЕУ сè повеќе вклучува гледишта со различна перспектива за нејзиниот пристап кон Кина, па така: „Кина е, истовремено, во различни области на политиката, партнер за соработка со кој ЕУ има тесно усогласени цели, преговарачки партнер со кој ЕУ треба да најде рамнотежа на интереси, економски конкурент во потрагата по технолошко лидерство и системски ривал промовирајќи алтернативни модели на владеење“.
Војната, моќта и правилата ја движат геополитиката. Меѓутоа, лидерите се важни: нивниот избор ги ефектуираат овие придвижувачки сили. Крајот на 2020 и 2021 година се периоди на големи промени – долгогодишните први луѓе во политиката, премиерите на Јапонија и Израел, и германската канцеларка на Германија ги напуштија нивните функции. Тоа, заедно со глобалната ерозија на демократското владеење, која започна во 2006 година и сѐ уште трае, дополнително внесуваат неизвесност во предизвиците поврзани со глобалната геополитика.

ЦВЕТАНОВСКИ: 2021-та беше и година на директен атак од нашиот источен сосед кон македонскиот јазик. Анахроно, но во 21-та година од 21-от век посведочивме нов обид за негова негација. Која е улогата на македонскиот јазик во Македонија?

АКДЕМИК КОЦАРЕВ: Трите документи: Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и Рамковната позиција на Република Бугарија, како услов за наш влез во ЕУ, создадоа предуслови македонскиот јазик, без наша грижа за него, меѓутоа, и со наша сестрана помош, да може да исчезне, да изумре. Но, сега, нема да говорам за тоа.
За да одговорам на вашето прашање, ќе зборувам за јазикот, културата, комуникацијата и за нивната тесна поврзаност во заедница на различни култури. Почнувајќи од втората половина на 90-тите години од минатиот век, мултикултурализмот се разви како движење за зголемување на достоинството, правата и признавањето на различностите меѓу групите. Меѓутоа, како одговор на порастот на национализмот и на популистичките и антиимигрантските наративи, а соочени со фактот дека мултикултурализмот недоволно успешно се справува со нив, во последниве десетина години социолозите, политиколозите и општествени дејци го предложија концептот „интеркултурализам“.

Интеркултурализмот става поголем акцент врз пристап заснован на политики кои почиваат врз контакти и е насочен кон зајакнување на комуникацијата и односите меѓу луѓето со различно потекло, вклучително и националностите, малцинствата и мигрантските заедници. Политиките на интеркултурализмот, кои имаат моќ да го заштитат бесконечното фрагментирање врз начелото на различни етнички, религиски и јазични припадности, треба со голема посветеност и внимателност да се имплементираат и во Македонија.

Граѓанско општество со културен плурализам, само по себе, не подразбира анархија. Но, Македонија е учебнички пример дека мултикултурализмот може да доведе до фрагментација, до балканизација ad absurdum, до структура во која, фигуративно зборувајќи, секое село и секоја населба има своја држава, свој јазик, свој свет, свој закон. Тоа, пак, ќе доведе, Македонија да стане држава составена од енклави и од бесконечен број јазични, етнички, верски, родови и други групации. Тука би нагласил дека Македонија е мултиетничко, а не двоетничко општество. Наспроти тоа, ако граѓанска држава значи заедништво, тогаш интеркултурализмот подразбира лингва франка – интегративен поврзувачки чинител кој со тек на време ќе доведе до тоа сите граѓани да се препознаат како припадници на една држава и тоа да биде чинител на опстанокот на таа држава.
Македонскиот јазик долго време, и без државност, со својата внатрешна моќ за адаптација бил лингва франка на целата територија на етничка Македонија, па така со векови и Турци и Власи и Албанци и Роми и Ладино Евреи и Ерменци зборувале на македонски и се разбирале меѓу себе на македонски. Македонскиот јазик, сѐ уште, и денес, ја поседува таа интегративна моќ во својата јазична структура. Македонскиот јазик со здобивањето државност се здоби и со правото да биде државен и официјален јазик и врзно ткиво на македонската држава. Оттука, имајќи ја предвид основната функција на јазикот (како средство за комуникација, за општење на определена општествена заедница) и нашето мултиетничко општество, мислам дека, во интерес на сите општествени заедници, во интерес на нашата заедничка иднина, македонскиот јазик треба да биде јазикот што ги сврзува, интегрира сите граѓани во Македонија.

Во сите мултиетнички држави би требало (1) да се дозволат јазични права, што подразбира да се дозволи образовна и културна употреба на јазиците на заедниците; (2) да се дозволи секој граѓанин по потреба да има упатства и формулари, во таа смисла и информации и комуникација на својот јазик за граѓанските потреби, што денес со новите технологии лесно се постигнува; и (3) да има изборна опција секој да го учи јазикот на другиот. Во таа смисла, покрај употребата на службениот јазик, е полезна и употреба не само на уште еден јазик туку и на јазиците на заедниците во државата каде што миграциските движења, природно, ја наметнале таа потреба. Меѓутоа, македонскиот јазик треба да биде интегративен и како таков да се учи и да се употребува од сите граѓани во Македонија. Само заедно сме силни, а нема заедништво ако сите имаме своја слика за општеството и за светот опишана со својот јазик и оградена со своите етнички и верски граници, со своите етнички власти и партии.

ЦВЕТАНОВСКИ: Декаденцијата во и на македонското општество е очевидна, слоевита и долготрајна. По ваше мислење, кои се основните карактеристики на владеењето во Македонија, особено во периодот од 2006 година до денес?

АКАДЕМИК КОЦАРЕВ: Периодот од 2006 до 2016 година најдобро се карактеризира со синтагмата „заробена држава“, односно состојба во која оние на власт ги заробија државните институции, ги ставија во функција на сопствените интереси, ги отуѓија од граѓаните, впуштајќи се меѓу другото и во општествен инженеринг, што резултира во засилени општествени поделби. Тоа беше период што се карактеризираше и со обид за градење наратив за наводен етнички/национален континуитет од антиката до денес, при што требаше да се изврши поместување на македонскиот идентитет од јужнословенски кон антички претсловенски корени. Истакнувајќи дека барањето директни врски и наводен линеарен континуитет меѓу современите и античките народи е неточно и ненаучно (што важи за сите народи денес, а не само за македонскиот народ), сепак, ќе потсетам дека, според современите сфаќања за нациите и национализмот, „модерните нации не можат да се воспостават без одредено ниво на замислување, митологизирање и симболички ритуали коишто креираат претстави за тоа каде завршува една група, а започнува друга“. Оттука, Македонија не треба и не смее да се откаже од легитимното право на културно-историско, вклучувајќи и митското наследство, што е карактеристично за сите модерни држави. Во таа смисла, недвосмислено е дека и македонскиот народ располага со одредена традиција на евоцирање и асоцирање и со наследена колективна меморија, народни преданија, материјално и духовно античко наследство, кои е оправдано да се негуваат на цивилизиран начин и без експлицитни и кич-идентификации.

Периодот на владеење од 2017 година до денес најдобро се карактеризира, според моето мислење, со синтагмата „понижена држава“, дури може и да се искористи терминот „демакедонизација на Македонија“. Притоа, понижувањата се предизвикани и од домашните и од надворешните потреби, а сите имаат заеднички атрибут: владеење. Ова е време кога владејачките елити се впуштија во друга крајност – национален инженеринг преку бришење на сите одлики на современата македонска нација, со образложение дека тоа е услов за европска интеграција.

Но ако е точно тоа што го вели претседателот Пендаровски, дека „ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција“, тогаш се поставува прашањето за причините и последиците од вештачкото конструирање и ребрендирање на разновидни „северномакедонски“ ентитети, одредници, идентитетски маркери и слично – односно, на сè што нужно води до постепено деградирање и конечно згаснување на македонскиот идентитет. Тридецениската континуирана криза во која се наоѓа Македонија, како и засиленото присуство на значително количество бескорисни и/или манипулирани информации, особено во текот на изминатите неколку години, доведоа македонските граѓани да бидат не само дезинформирани за суштината и последиците од брзоплетите и непромислени политички одлуки од национално значење, туку и од колективна апатија, па и аномија. Со тоа се остава простор политичките центри на моќ, неретко во симбиоза со економските, да ја користат државата за свои лични цели, кои се апсолутно спротивни на државите интереси и на она што е јавно добро.

Зошто понижена држава? Фактите дека: (1) Грција и Бугарија ги немаат ни потпишано (или ратификувано) Рамковната конвенција за почитување на националните малцинства и Повелбата за регионални и малцински јазици, (2) според нивните официјални политики и документи, во Грција и во Бугарија нема малцинства и (3) забранета е регистрација на политички партии или културни здруженија на Македонците, кои немаат ни можност за образование на мајчин јазик, немам намера да ги коментирам – оставам прогресивните мислители во двете земји да проговорат за нив. Меѓутоа, фактот дека со Спогодбата од Преспа и со Договорот за добрососедство со Бугарија, ние, во името на европската интеграција, се откажавме од Македонците во Бугарија и во Грција и од одбрана на нивните права, е застрашувачко, понижувачко, нечовечно, апсурдно, бесмислено – немам зборови со кои можам да го опишам тој чин. Како се чувствуваат Македонците во Егеј и во Пирин, нивните потомци во Македонија и во светот, од фактот дека македонската држава ги избриша нив? Зар тоа не е предавство? Што мислите вие?
Дали се сеќавате на зборовите: „Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух, додека ме држи памет дека мојот дедо, мојот татко сите мои предци, јас мојот син и ќерка сме Македонци родени овде во Македонија, тоа не може да се случи.

И не само тоа, верувам дека не постои роден човек подготвен да излезе пред парламентот и да бара промена на Устав заради промена на уставното име“? Тие зборови искажани од државник останаа во меморијата како надеж за достоинствена иднина, но тоа што се случи потоа, промената на Уставот, промената на уставното име, зар тоа не е понижувачко однесување и предавство на Македонија.

ЦВЕТАНОВСКИ: Евидентно, Македонија е во долготрајна криза. Како понатаму? Кои се чекорите што треба да се направат за да, конечно, излеземе од оваа криза?

АКАДЕМИК КОЦАРЕВ: Одговорот на ова прашање заслужува детален и аргументиран пристап. Но, да почнам со ред.
Ако во изминатите 30 години бевме сведоци на ерозија и на уништување на македонската држава, вклучувајќи ги тука науката, уметноста, културата, образованието, здравството, судството, економијата, јавната администрација, македонската мисла и интелигенција, или кажано со еден збор: СЀ, тогаш неминовно се наметнува прашањето: Како понатаму? Ако секоја досегашна влада нудеше сè понови и сè поиновативни пристапи во разнебитувањето на македонската држава, зарем не е време да се каже: Вака повеќе не може! Ако и наредната влада (од која било провениенција) продолжи со деструктивни и коруптивни политики, а, за жал, малку надеж има дека таквата тенденција ќе прекине, ако трендот е навистина јасен и впечатлив – тогаш, треба да се соочиме со реалноста и со предизвиците на држава што неумоливо тоне.
Според мое мислење, можни се 4 сценарија за иднината на Македонија.

Прво сценарио: Македонија ги започнува набрзо пристапните преговори во ЕУ и евентуално, во некоја далечна иднина, станува полноправна членка на ЕУ. Притоа, Македонците веќе целосно се исчезнати и не постојат, што ќе се случи, според ова сценарио, во две етапи. Прво, поради уцените на Бугарија и почнувањето на пристапните преговори, во некоја блиска иднина, ќе ги прифатиме нивните барања дека, цитирам, „Македонците постојат од 44-та, а Бугарите се постар народ“ и второ, поради упорните настојување на Грција да не се користат воопшто именката Македонија и нејзините деривати, придавките македонски, македонска, македонско, ние ќе се откажеме од македонскиот идентитет, и така Македонија и Македонците ќе исчезнат, како и никогаш да не постоеле.

Второ сценарио: Македонија одлучно ги одбива бугарските уцени, меѓутоа, претпоставувајќи дека Албанија прва ќе ги започне пристапните преговори со ЕУ, што, секако, ќе предизвика фрустрација кај овдешните етнички Албанци, кои ќе посакаат земјава да го следи овој пат. Иако Македонија се декларира како мултиетничка, а не двоетничка држава, притисокот на етничките Албанци ќе биде таков, што евентуално ќе доведе до реализација на првото сценарио.

Трето сценарио: Никогаш, дури и да ги почне пристапните преговори, Македонија (но и дел од регионов) нема да стане рамноправна членка на ЕУ. Зошто? Од многу едноставна причина: дел од членките на ЕУ и дел од нашите соседи не сакаат Македонија да биде дел од европското семејство. Така, Македонија ќе се претвори во дувло на криминал, дно на дното, држава во која ќе царува распуштено, разуздано и бесно однесување, со еден збор вистински башибозук. Според мене, Македонија денес, за жал, се наоѓа на еден чекор до таква состојба.

Четврто сценарио: Последното четврто сценарио е да започнеме со вистински реформи за просперитетна Македонија, да започнеме со имплементирање на европските вредности, но без инсистирање, по секоја цена, на полноправно членство во ЕУ.

Во однос на ова сценарио, го предлагам следново:

• Прво. Промена на изборниот модел (една изборна единица) и промена на моделот на формирање на извршната власт (консенсуален или пропорционален модел на извршната власт).

• Второ. Ограничување на ингеренциите на извршната власт.

Ќе ги елаборирам овие два предлога подетално.

Прво: Ако Македонија е граѓанска држава, треба да го напуштиме сегашниот хибриден модел на владеење, мешавина на етно-мнозинска и консоцијална демократија, и да го замениме тоа со консенсуалната демократија. Во консенсуалната демократија, или пропорционална демократија, партиите учествуваат во формирање на Владата процентуално со добиените изборни гласови. Така на пример, ако на изборите партијата А добие 35 отсто, партијата Б 34 отсто, партијата В 20 отсто и партијата Г 11 отсто пратенички места, во консенсуалната демократија, извршната власт се дели меѓу сите четири партии пропорционално на освоените пратенички места. Постојат бројни учебници и монографии по политичките науки, во кои се направени емпириски анализи на голем број држави, што недвојбено укажуваат на предностите на консенсуална демократија во однос на мнозинскиот модел на демократија. „Основна разлика меѓу двата модели е во тоа што мнозинскиот модел на демократија е ексклузивен, конкурентен и контрадикторен, додека моделот на консенсуална демократија се карактеризира со инклузивност, договарање и компромис“. Досегашните повеќедецениски резултати во сферата на економскиот раст и развој, во сферата на развојот на демократијата, владеењето на правото, човековите права и слично, како и во другите круцијални сфери на нашето живеење – образованието, науката, животната средина, културата, се далеку под очекувањата во споредба со другите држави. Тоа, пред сѐ, се должи на етномнозинскиот модел со кој извршната власт се распределува меѓу победнички партии од двата етникуми, што доведе до еродирање на демократијата, нестабилно владеење, што, всушност, се реализира преку два паралелни процеси, етнодиференцијација и фрагментација на општеството.

Второ: Македонските влади, главно, но посебно во изминатата деценија, не се ниту политички, ниту експертски, ниту компетентни. Спротивно на тоа, владите се резултат на пазарења и уцени, тие се партиско-етнички, некомпетентни, корумпирани и нефункционални што ја прави подредена улогата на парламентот, институциите и правосудниот систем. Поранешен премиер на Македонија кој беше на должност само 6 месеци во далечната 2004 година, во образложението на својата оставка, меѓу другото, ќе напише дека „во владината коалиција не постои целосна согласност и практично тимско работење за вистинско остварување на стратешката цел на Република Македонија и на преостанатите меѓусебно поврзани цели и активности“. Понатаму тој потенцира дека еден од коалиционите партнери во власта „ги промовира националните и тесно партиските интереси, вклучувајќи го и непотизмот, со истовремено коруптивно однесување, без никаква практична желба и мерки во борбата против корупцијата“. На крај во оставката, премиерот нагласува дека „станува пракса принципот на условувања и на замена на експертско и стручно знаење со некакво си ‘политичко договарање’ и ‘политичко пазарење’“
Ваквото однесување, политичко договарање и пазарење, достигна кулминација во 2021 година. Наместо доследна примена на начелото на поделба на власта и создавање на цврста институционална рамка за владеење на правото, во изминатите три децении бевме сведоци на сѐ поголемо јакнење на позицијата на извршната власт, спротивно на уставните определби, и создавање услови за партизација, како и неодговорно, неконтролирано и коруптивно остварување на нејзините функции. Оттука, предлагам, да почнеме со ограничување на ингеренциите на извршната власт во подрачјата што, според Уставот, се утврдени за автономни сфери на општеството (образование, наука, култура, здравство итн.). Ќе го илустрирам мојот предлог со еден пример, што ја одразува суштината на предлогот. Предлагам да се донесе закон со кој: (1) ќе се одземат ингеренциите на МОН да изготвува стратегии за развој на образованието и науката или да подготвува реформи во образовниот или научниот систем; (2) стратегиите и/или реформите ќе ги подготвуваат во синергија МАНУ, универзитетите и стопанските комори; и (3) МОН ќе биде обврзан да ги имплементира стратегиите и реформите.

Меѓутоа, ова не е доволно – слабеењето на позициите на извршната власт е неопходно, па затоа е потребно, според мое мислење, да се намали бројот на ешалони на извршната власт, но и да се ограничи па дури и да се изземе извршната власт од раководење на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата (на пример, ЕМС, МЕПСО, Пошта и други).

Да резимирам, независно од сценаријата, постојат решенија за излез од повеќедецениската криза во која се наоѓа Македонија, постојат решенија за просперитетна, демократска и достоинствена Македонија, а некои од нив денес накусо ги предочив. Меѓутоа, за тоа треба консензус меѓу интелектуалците, професорите, граѓаните на Македонија, оти опструкции во справување со кризата и спречување на дивеењето на политичките елити, по мое мислење, ќе прават токму (дел од) нив, дел од владејачките и партиските врхушки, но и (дел од) нивните гласно-говорници.

Посакувајќи им на гледачите на емисијата „Што не е јасно“ среќна Нова Година, а на православните христијани весели Божикни празници, ве повикувам да сториме се’ Македонија да има просперитетна, демократска и достоинствена иднина.