Во пресрет на големиот христијански празник Рождеството  Христово  Божик, митрополитот Повардарски Агатангел традиционално упати до првославните верници Божикно посление со порака овие вонредни животни околности предизвикани од пандемијата со коронавирусот да ни бидат прилика за да се преиспитаме, да се покаеме за старите лоши навики и дела и да се насочиме кон Бог.

-Го дочекавме празникот на Раѓањето Христово, кога го славиме Воплотувањето на Синот Божји, настанот кога Бог влезе во човечката историја. Како што пееме во црковните химни, навистина денес „сѐ се исполни со радост, зашто Христос се роди од Дева“. Раѓањето Христово е најголемата тајна на христијанската вера, но и на историјата на човечкиот род. Согласно со предвечниот Божествен совет Синот и Слово Божјо при Неговото воплотување ја прими целата човечка природа, освен гревот, и како совршен Бог и совршен човек, да го спаси човекот од трагичните последици на прародителскиот грев. Да го спаси од гревот. Да го ослободи од распадливоста и смртта. Да му дарува вистинска радост и да го врати повторно во рајот, вели митропоитот Повардарски.

Тоа се причините, рече, поради кои денес ние христијаните славиме. Нашите срца се полнат со радост за спаснието кое ни доаѓа, кое му дава смисла на нашиот живот на земјата.

-Повторно Бог нѐ удостои да го прославиме Рождеството Христово, „мајката на празниците“, како што го нарекува светиот Златоуст. Денес го празнуваме присуството на Бога помеѓу нас. Бог е со нас! Бог е на земјата! Потсети митрополитот Повардарски Агатангел

Обраќајќи им се со Драги браќа и сестри, ги потсети дека Господ се понижи Себеси заради нас и прифати да се роди во бедни јасли, од каде што се хранеа животните.

– И тогаш немаше куќа, ниту најмала соба, во која би биле сместени бремената Богомајка и Детето што требаше да се роди, а и денес, после 2000 години од тој настан, човечките срца повторно се затворени за Пресвета Богородица и за новородениот Спасител Христос. „Дојде при своите и своите не го примија“, вели евангелистот Јован. Го отфрливме Христос, ја отфрливме Светата Црква која нѐ роди и нѐ воспита и нѐ направи народ избран, и како „слепи за стап“ се фативме по технолошкиот и економскиот развој, очекувајќи среќа од него. Ниту една унија, ниту еден сојуз, ниту еден фонд нема да ни донесе развој, ни напредок, ни среќа, ако самите Македонци не се освестат, и како и оној Македонец од Новиот завет, кој повика кон апостолот Павле да дојде и да ги спаси Македонците, така да побараме и ние спас и благослов од Бога. Без Неговиот благослов секој напредок, секој успех е празен и завршува како ветер и магла, порача митрополитот Повадарски Агатангел.

Тој потенцира дека поради пандемијата оваа година што изминува е една од најтешките досега, можеби во последниве 70 години.

-Стравот и паниката што го зафатија и секојдневно го потресуваат сиот свет, не ни дозволуваат да се радуваме на големите и убави празници. Христос се роди во сиромашна пештера, та „преку Неговата сиромаштија ние да се збогатиме“. Многу семејства ќе доживеат големи трагедии, многумина ќе преживеат ужаси од современата болест, но да не губиме надеж. Да не се препуштаме на страв и паника. Бог е присутен и има некаква смисла сето ова, иако сѐ уште не ја гледаме. Можеби и ние претеравме со искористување и загадување на целата природа, која ни беше од Бога дадена за да се грижиме за неа? Можеби ние станавме премногу отровни во секојдневниот живот, во секојдневната комуникација со блиските? Заборавивме што значи да се биде љубезен, да се биде културен, да се биде пријател и другар. Заборавивме што значи да се биде семејство. Заборавивме што е вредно во животот и за што вреди да се живее животот. Заборавивме што значи да се биде скромен и со скромни потреби, потенцира митрополитот Повардарски Агатангел.

Додава дека поради познатите вонредни услови, во кои живее целиот свет, и нашата Света Македонска православна црква, како и Повардарската епархија, дејствуваат со намалена сила.

-Но, сепак, и покрај сите слабости и недостатоци, и покрај сите материјални потешкотии, во Повардарската  епархија во 2021 година беа изградени, доградени, реновирани и осветени повеќе свештени објекти, рече митрополотот Агатангел.

Тој при тоа ги наброја: параклисот „Свети Гаврил Велички“, кој се наоѓа во состав на административната зграда при храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, храмот „Свети Кирил и Методиј“ во Гевгелија, храмот „Свети великомаченик Димитриј“ во Кавадарци, храмот „Свети Атанасиј Велики“ во Богданци. Во тек е доградбата или фрескоживописањето на храмовите „Св. Петар и Павле“ – Превалец, „Успение на Пресвета Богородица“ – Демир Капија, каде што во тек е фрескоживописот, Согленскиот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“ каде што комплетно  е реновирана внатрешноста на црквата и сега привршуваат градежните активности на новиот конак. Во храмот „Св. Јован Крстител“ во Велес, во тек е фрескоживописот, за кој се надева дека наскоро ќе биде осветен и оспособен за нормален парохиски живот.

-Возљубени мои чеда, Овие вонредни животни околности да ни бидат прилика за да се преиспитаме, да се покаеме за старите лоши навики и дела, и да се насочиме кон Бог. Среќен е оној кој Го сретнал Бога, среќен е оној кој се навикнал да живее скромно, среќен е оној кој не им робува на страстите и гревовите. Празникот на Рождеството Христово да ни биде потсетник дека Христос се роди на скромно место, и сѐ додека не станеме скромни и смирени по срце, за Христос нема да има место во нас; да бараме средба со Христос, да го бараме со сето срце и посакувам во овој живот да Го најдеме Христос, Кој му дава смисла на нашето постоење. Посакувам Светата Црква да ни стане секојдневие во животот, да си ја сакаме и да се радуваме на тој Божји благослов што Бог го насадил овде уште пред речиси 2000 години. Да се вратиме на живото Предание на Црквата, да му се вратиме на Бога, на Литургијата, на традиционалните вредности, да бидеме во заедница со Бог, без притоа да го запоставиме технолошкиот и економскиот напредок, со кои ние ќе раководиме, а не тие со нас, порача Митрополитот Повардарски Агатангел со поздравот на Божик, Христос се роди! Навистина се роди!