Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свеченоста по повод 80-годишниот јубилеј на централнобанкарското работење на Народната банка, којашто се одржа во Музејот на Народната банка.
Таа говореше за Народната банка, за нејзината трансформација во зависност од економските и општествените промени, како и за нејзиниот важен придонес, потенцирајќи дека во 1991 дојде до историска промена на централнобанкарското работење, односно до монетарен суверенитет во самостојна и суверена Република Македонија.
За неа, независноста, кредибилитетот и довербата не се само формални обележја на централното банкарство, туку темелни принципи врз коишто се градат ценовната и финансиската стабилност, а институционалната независност и отчетноста се заемно комплементарни предуслови за професионално одлучување и заштита на долгорочниот јавен интерес.
Говорејќи за значењето на ценовната стабилност, Сиљановска-Давкова укажа дека таа непосредно се одразува врз животниот стандард на граѓаните, сигурноста на семејните буџети и можноста домаќинствата и компаниите да ја планираат својата иднина, нагласувајќи дека монетарната и финансиската стабилност претставуваат јавно добро чиишто придобивки ги споделува целото општество.
Според неа, глобалните финансиски кризи, геополитичките тензии, климатските промени и забрзаниот технолошки развој наметнуваат нови барања пред централните банки, коишто мора постојано да ги унапредуваат своите аналитички и технолошки капацитети, да вложуваат во знаење и стручност и да развиваат механизми за одговорно управување со ризиците.
По повод јубилејот, претседателката упати честитки до Народната банка, оддавајќи им признание на сите генерации раководители, банкари и вработени кои со својата стручност, посветеност и одговорност ја граделе и развивале институцијата.
На свеченоста се обрати и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и беше прикажан документарен филм посветен на осумдесетгодишниот развој на централното банкарство.





