Повторно е воспоставен ред во Казахстан, изјави денеска претседателот Касим-Жомарт Токаев на состанокот на безбедносниот сојуз предводен од Русија по неколкудневните насилни немири во кои загинаа повеќе од 160 луѓе, а илјадници беа приведени.
– Редот е целосно воспоставен во Казахстан. Заканите за безбедноста на земјата се избегнати, истакна Токаев на видео состанокот на Организацијата на Договорот за заедничка безбедност (ЦСТО), асоцијациите на Русија, Ерменија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан.
ЦСТО, како и НАТО, има член во договорот кој предвидува дека нападот врз еден е напад врз сите членки.
Токаев нагласи дека антитерористичката операција наскоро ќе заврши, додавајќи дека имало „обид за државен удар“ со планирани и координирани напади врз регионалните владини центри, безбедносните сили и затворите.
Рускиот претседател Владимир Путин на состанокот на ЦСТО изјави дека немирите не се предизвикани од незадоволство од цените на горивото, туку од „деструктивни сили однадвор кои ја искористуваат ситуацијата“.
Казахстан, земја која граничи со Русија и Кина и е голем производител на енергија, веќе една недела е погодена од немири по одржувањето на антивладините протести поради поскапувањето на горивото.
Покрај мирните протести, имаше и насилни собири, особено во најголемиот град Алмати.
Токаев прогласи вонредна состојба, ја распушти владата и и нареди на армијата да употреби оружје врз демонстрантите без предупредување, пренесува ДПА.
Во немирите загинаа повеќе од 160 лица, повредени се над 2.000 луѓе, а речиси 8.000 се приведени. Во Казахстан денеска е прогласен ден на жалост.