На иницијатива на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, а согласно Статутот на јавното претпријатие, вчера на седница на Управниот одбор на ЈП Градски паркинг е донесена одлука со која е предвидено намалување на цените на услугите за паркирање на јавните површини во зоните на паркирање во градот Скопје, истакна денеска на прес-конференција директорот на претпријатието Бојан Христовски.
Тој посочи дека согласно одлуката за измена на ценовникот на услуги на Јавното претпријатие Градски паркинг, намалувањето се однесува на час паркирање во следните зони: Зона А0 паркирањето од 100 денари, се намалува на 75 денари, во зона А од 50 денари, се намалува на 40 денари, во зона Б од 40 денари, износот за паркирањето се намалува на 30 денари и во зона Ц и Д, цената за еден час паркирање од 30 денари се намалува на 25 денари.
Ваквата одлука за поевтинување на паркирањето во Скопје влегува во сила по добивање согласност од Советот на Град Скопје, а истата ќе се применува од 1 март.
Христовски потенцираше дека со усвојување на оваа одлука, а сред економска криза, кога цените растат, Јавното претпријатие Градски паркинг им излезе во пресрет на барањата на граѓаните за поевтин паркинг во градот и го реализира она кое е ветено пред скопјани.
– Нашата цел како Јавно претпријатие е со своите одлуки секогаш првенствено да бидеме транспарентни во своето работење, да бидеме во служба на граѓаните и да ги реализираме правовремено барањата на граѓаните во градот Скопје. Реализацијата на ова ветување е показател дека тоа што се ветува, треба и се исполнува. Имено, продолжуваме и понатаму активно да работиме во насока на реализација на програмските проекти кои се во интерес на граѓаните, а се во план да се реализираат во наредниот период. Тука би ги истакнал новите катни и монтажни паркиралишта во Чаир, Аеродром, Центар и Кисела Вода, со што ќе овозможи паркирањето во Скопје не само да биде поевтино, туку да биде и подостапно за граѓаните, додаде Христовски.