Албанскиот Апелациски суд за корупција и организиран криминал, на поранешниот министер за внатрешни работи Саимир Тахири, му изрече казна затвор во траење од пет години, но поради согласноста за скратено судење, тој во затвор ќе помине три години и четири месеци.
Со тоа судот ја потврди одлуката од 2019 година на тогашниот суд за тешки кривични дела, но одлучи Тахири казната да ја одлежи во затвор, а не условно. Тој веќе е однесен во затворот 313 во Тирана, кој се смета за еден од најобезбедуваните.
Тахири првично беше осуден на 12 години затвор, под обвинение за тешки кривични дела, меѓу кои трговија со дрога во соработка со криминални организации и припадност на криминална група, но Апелациониот суд одлучи да го обвини само за злоупотреба на службената положба. Има право на жалба на пресудата до Врховниот суд.
Тахири беше уапсен во ноември 2017 година поради неговите врски со кланот Хабилај, во кој имало и негови роднини, но беше ослободен да се брани од слобода. Тогаш се откажа од пратеничикот мандат за како што изјави, да ја докаже својата невиност.
Тахири беше министер за внатрешни работи од 2013 година до март 2017 година, кога премиерот Еди Рама го разреши од должноста. Познат е по тоа што успеа да влезе селото Лазарат, познато како фабрика за марихуана, во 2014 година во кое, до тогаш влезот на полицијата не беше можен.
Одлуката на судот ја поздрави амриканската амбасадорка Јури Ким, според која ова е потврда дека никој не е над законот.