Истражувачки проект финансиран од американската влада покажува нагорен тренд на масовните пукања во САД, посочувајќи дека се зголемува и бројот на жртви, а повеќето луѓе кои вршат такво насилство претходно доживеале траума или се во кризна животна ситуација.
„Проектот насилство“ (The Violence Project), финансиран од Националниот институт за правда на Министерството за правда на САД, проучуваше 52 случаи на масовни пукања – дефинирани како убиство на четири или повеќе луѓе – во текот на повеќе од 50 години.
Истражувањето, објавено вчера, покажа дека од сите инциденти со масовно пукање од 1966 до 2019 година, повеќе од половина од случаите се случиле од 2000 година наваму, од кои 20 отсто се случиле од 2010 до 2019 година. Во последните пет години, просечно 51 лице годишно беа убиени во масовни пукања, додека во 1970-тите беа убиени во просек по осум луѓе секоја година.
Министерството за правда објави некои од главните моменти од студијата еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден и државниот обвинител Мерик Гарланд се сретнаа со градоначалникот на Њујорк за да повикаат на поголеми инвестиции во локалната полиција за борба против неодамнешниот пораст на вооруженото насилство.
– Оваа студија – една од најсеопфатните проценки на масовното насилство досега – покажува длабоко вознемирувачки тренд: повеќе Американци умираат од масовни пукања од кога било досега во поновата историја, рече Ејми Соломон, главен заменик-помошник на јавниот обвинител во Канцеларијата за правосудни програми.
Студијата ги анализирала податоците за масовните пукања користејќи јавно достапна база на податоци, а се работи за отворени извори, како весници или социјални мрежи.
Анализата на некои истражувачки податоци од Националниот институт за правда покажа дека самоубиствените намери се „силен индикатор“ за сторителите на масовни пукања. Исто така, 31 отсто од сторителите доживеале траума во детството, а 80 отсто од нив се „во криза“.
Голем процент од сторителите, 48 проценти, ги споделиле своите планови со членовите на семејството, пријателите, полицијата или непознати лица.