МВР реагира на денешната прес конференција на Наум Стоилковски од ВМРО – ДПМНЕ истакнувајќи:
За транспарентно информирање на граѓаните, ве известуваме дека МВР во 2021 година согласно својата стратегија за енергетско-ефикасно и еколошко министерство, покрај исфрлањето на огревното дрво и мазутот од употреба, имаше предвидено постапка за инсталација на соларни системи. Првата постапка беше објавена во септември 2021 година и истата заврши со поништување од причина што остана само една прифатлива понуда на економскиот оператор Дон Холдинг, од три поднесени. По извршена анализа, единствената прифатлива понуда беше исклучена поради цени повисоки од проценетата вредност и постапката беше поништена.
Во декември 2021 постапката беше повторно објавена, беа поднесени две понуди, од кои по направената анализа беше донесена одлука за избор и беше избрана понудата на Дон Холдинг, која беше во рамките на проценетата вредност. И во двете спроведени постапки, критериумите беа исти односно се бараа минималните услови за докажување на способност од Законот за јавни набавки и не постоеше ниту еден дополнителен критериум.За двете спроведени постапки не е поставено ниту едно прашање пред јавното отворање, каде било кој заинтересиран економски оператор може да даде забелешки за техничката спецификација или да бара промена на истата, ниту пак е поднесена жалба за тендерската документација или жалба на одлуката за поништување на првата односно избор во втората постапка.
Секој одговорен политички актер во земјава треба да го поздрави елиминирањето на огревното дрво и мазут од употреба и префрлање на дел од објектите кон користење на сончевата енергија, што е секако и поисплатливо, но пред се на тој начин придонесуваме за поздрава животна средина. Со спроведената набавка на 15 локации низ државата ќе се обезбеди топла вода во комплетната водоводна мрежа, па во 2022 година дел од објектите за прв пат ќе добијат топла вода во своето постоење. Опфатени се полициски станици, кујни, одморалишта, сместувачки капацитети во центар за обука Идризово.
МВР ќе продолжи со имплементација на стратегијата за енергетско-ефикасно и еколошко министерство, и ќе продолжи да ги охрабрува сите политички субјекти во државата вклучително и ВМРО ДПМНЕ да поддржат и да почнат да преземаат енергетско-ефикасни чекори за заштита на животната средина.