Италија денеска стави 27 градови под највисоко ниво на тревога поради новиот топлотен бран што ја зафати земјата, додека локалните медиуми јавуваат за уште неколку смртни случаи кои се поврзуваат со екстремно високите температури.
Според агенцијата АНСА, денеска 25 градови се под црвен аларм, а утре нивниот број ќе се зголеми на 27, бидејќи се очекуваат рекордно високи температури што претставуваат сериозен ризик за јавното здравје.
Меѓу најновите жртви се 40-годишен столар, кому му се слошило додека работел на покрив, 55-годишен чувар кој починал по здравствена криза додека седел во автомобил и 90-годишна жена која починала додека престојувала во градина.
Во делови од Италија се очекува температурите да надминат 40 степени Целзиусови, додека за време на викендот се прогнозира само мало намалување, на меѓу 36 и 39 степени.
Истовремено продолжува загриженоста поради сушата и шумските пожари. Нови пожари се пријавени во областа Марсика, во регионот Абруцо, додека пожарникарите и натаму се обидуваат да го локализираат пожарот во Карстската област кај Трст, кој беснее од саботата попладне.




