Во С. Македонија, ослободена од угнетувањето на Албанците, се оди кон историското констатирање дека тие се таму апсолутно мнозинство, а албанството ќе доминира со Западен Балкан, пишува Спартак Нгјела, политички аналитичар од Албанија и екс министер за правда.
Тој ова го истакнува во својата колумна, која информативната агенција на албански јазик ИНА ја објави под наслов „Се потврдува дека Албанците се апсолутно мнозинство во Македонија“.
Во своите сеалбански возвеличувања Нгјела првин фрла поглед кон најновите настани во Црна Гора, за да потоа премине на Македонија:
– Албанецот Дритан Абазовиќ создаде мнозинство, за да биде премиер на Црна Гора. Ова се очекуваше и тоа е првиот знак за натамошната ескалација на Албанците во Западниот Балкан. Американската политика е во движење. Треба да сфатиме дека единствената реално-западна сила на Црна Гора се Албанците. Просторите на Црна Гора се, всушност, католичка Малција на Арберија. Сега дојде времето Албанците да создадат влада на Северна Арберија, која се вика Малција, а која Србите ја нарекуваа Црна Гора, пишува тој.
Нгјела натаму продолжува:
– Ова е уште еден успех кон натамошниот развој на албанскиот свет на Западен Балкан. Овој успех ќе ги подвижи нанапред другите аспекти на подемот на националните настани, надвор од Албанија и Косово, на овој поширок албански простор, бидејќи други настани од национален карактер ќе уследат и во С. Македонија, пишува во колумната.
Тој во продолжение пишува дека „Албанците се ослободени од угнетување“:
– Во меѓувреме С. Македонија е ослободена од историското угнетување против албанскиот етникум и се оди кон историското констатирање дека Албанците се таму апсолутно мнозинство. Сето ова време доаѓа и албанството секако ќе доминира со Западниот Балкан. Ова било, а и продолжува да биде историска вистина, пишува поранешниот министер и актуелен политички аналитичар, Нгјела.