Премиерот Димитар Ковачевски се откажал од користењето на премиерската вила, а од Владата ја потврдуваат информацијата, пренесува ТВ21.

– Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, не ја користи премиерската вила. Со семејството е во истиот дом каде што живееше и досега. Нема побарано други привилегии, велат од Владата на РСМ за ТВ21.

Сместена меѓу борова шума, на улицата Ацо Караманов на Водно, се наоѓа вилата наменета за премиерот на Македонија, а нејзин прв сосед е актуелниот претседател на државата, Стево Пендаровски. Оваа вила е строго чувана, има жична и жива ограда, а полицијата, обезбедувањето и чуварите веднаш реагираат ако некој сака да се доближи или да фотографира и снима.

Нето платата на премиерот изнесува нешто над 78.000 денари. На оваа сума се пресметува и минат труд, во кој на пример претходниот премиер Зоран Заев земаше дополнителни 8.900 денари.

Инаку по завршување или прекинување на мандатот, на премиерот или претседателот на државата му следуваат шест бодигарди од МВР, возач и службен автомобил.