Глобалните инвеститори денеска побрзаа да купат американски долари, јапонски јен и швајцарски франк како сигурни средства, поради психозата дека Русија наводно се подготвува да ја нападне Украина, што доведе до зголемување на вредноста на тие валути. Тој тренд на девизните берзи дојде еден ден откако САД објавија дека Русија во секој момент може да ја нападне Украина.

Москва негираше дека има такви планови, но висок руски функционер изјави дека е подготвена да пука врз странски бродови и подморници доколку илегално влезат во нејзините води.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на кошничката на ривалите, зајакна за 0,4 отсто на 96.351 поен, што е највисоко ниво од 1 февруари.

Еврото падна за 0,4 отсто на 1,1301 долари, што е најниско ниво од 3 февруари. Трендот на намалување на единствената валута на еврозоната започна во петокот кога инвеститорите побрзаа да инвестираат во средства кои се сметаат за „безбедни засолништа“, со што заврши најавата на Европската централна банка за можно заострување на монетарната политика.

Оптимизмот на пазарот во однос на еврото делумно избледе по изјавата на претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард, која повтори дека секоја промена во монетарната политика ќе биде постепена.

Рубљата благо закрепна по остриот пад утринава и се стабилизира на 77,08 рубљи во однос на доларот. Инвеститорите почнаа да продаваат руски средства во петокот, што влијаеше на слабеењето на рубљата на најниско ниво од 28 јануари.

„Зависноста на Европа од руската енергија го прави цикличното економско влијание на еврозоната особено ранливо во случај на ескалација на конфликтот во Украина“, велат аналитичарите на германската Комерцбанк.

Јапонскиот јен напредуваше во однос на доларот за 0,3 отсто на 115,16 јени, додека во однос на еврото порасна за 0,6 отсто.

И швајцарскиот франк забележа раст на вредноста во однос на еврото за 0,5 отсто, при што едно евро се тргува за 1,0451 франци, што е најсилниот курс од 3 февруари.

Ризичните валути, како што се австралискиот и новозеландскиот долар, паднаа за 0,6 отсто, односно 0,9 отсто во однос на американскиот долар.

И шведската круна силно потона за 1,0 отсто во однос на доларот на 9,4212 круни за долар, што е најниско ниво од 28 јануари.