Русија инсистира на повлекување на сите американски сили од Централна и Источна Европа и наведува дека ќе мора да реагира, вклучително и со воено-технички мерки, поради неподготвеноста на Вашингтон да преговара за безбедносните гаранции.
Меѓутоа, во писмената реакција, која му ја предала на американскиот амбасадор во Русија, Џон Саливан, за американскиот одговор на безбедносните гаранции, Москва за првпат нагласува дека е подготвена да разговара за меѓусебните инспекции на локациите на проектили.
Москва наведе дека САД не дале конструктивен одговор на сите клучни предлози на Русија, вклучително и откажување од проширување на НАТО и отворање бази на територијата на поранешните советски републики.
Москва инсистира американските трупи и оружје да бидат повлечени од Централна, Источна Европа и Балтикот.
„Сигурни сме дека во тие зони има доволно национален воен потенцијал. Подготвени сме да разговараме на оваа тема врз основа на членовите 4 и 5 од рускиот нацрт-договор“, се вели во текстот.
Се посочува и дека се уште се игнорираат „црвените линии“, како и правото на Русија да ги брани.
Москва наведува дека САД и НАТО ја зголемуваат воената активност во близина на границите на Русија.
Како одговор, Москва предлага идејата за воведување мораториум на ракетите со среден и краток дострел во Европа практично да се реализира во рамките на безбедносните гаранции.
Се наведува дека Москва овој проблем го смета за еден од приоритетите во руско-американскиот дијалог.
Москва инсистира на тоа дека Киев мора да ги спроведе договорите од Минск, да ја прекине испораката на оружје за Украина, да го повлече веќе испорачаното оружје, дека сите западни инструктори мора да си заминат и дека НАТО мора да се откаже од воените вежби со Украина.
Русија очекува конкретни предлози од САД и НАТО за содржината и формите на легално повлекување на Алијансата од проширувањето на исток.
САД и нивните сојузници треба да се откажат од политиката на „зауздување“ на Русија и да преземат конкретни, практични чекори за деескалација на воено-политичката ситуација.
Предлозите на Русија за безбедносните гаранции треба да се разгледаат во целост, без да се истакнуваат поединечни точки, се вели во текстот.