Шефот на набљудувачката мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) денеска во Советот за безбедност на ОН изјави дека тензиите во источна Украина веројатно почнуваат да се намалуваат.

Јашар Халит Чевик, шефот на специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ во Украина, истакна дека од синоќа до утринава имало околу 500 експлозии.

– По 11.20 часот (денеска претпладне) забележавме околу 30 експлозии, па се чини дека тензиите стивнуваат, нагласи Чевик на седницата на СБ на ОН посветена на ситуацијата во и околу Украина.

Украинското Министерство за одбрана денеска соопшти дека проруски сили во источниот дел на Украина го прекинале гранатирањето во 13 часот по локално време.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денеска објави дека проруските сили во Донбас ракетирале градинка и дека тоа е претставува „голема провокација“.

– Важно е дипломатите и ОБСЕ да продолжат со набљудувачките активности како дополнителни средства на одвраќање. Потребен ни е ефикасен механизам за евидентирање на сите прекршувања на прекинот на огнот, напиша Зеленски на Твитер.

Проруските сили утринава ги обвинија украинските владини сили дека четири пати отвориле оган на нивна територија во изминатите 24 часа, додека Украина ги обвини бунтовниците дека истрелале гранати, од кои некои наводно погодиле градинка.

Самопрогласената Луганска ародна република (ЛНР) соопшти дека украинските сили употребиле минофрлачи, гранати и митралези во четири одделни инциденти.