Клучен чекор е усвојување и потоа имплементација на новиот закон за железници, подготвен од Министерството за транспорт и врски. Главната новина е дека јавната железничка инфраструктура може да се користи од приватни железници, вели во интервју за МИА Матеј Закоњшек, директор на Секретаријатот на Транспортната заедница на ЈИЕ.
Тој укажува дека со отворањето на железничкиот пазар ќе се привлечат нови даватели на услуги и се надева дека ќе се овозможат начини граѓаните да патуваат поевтино и на начин кој е поеколошки, а бизнисите ќе можат да фунционираат со поголеми економски поволности и намалени трошоци.
-Охрабрува фактот што има политичка волја да се забрзаат плановите за да се доврши железницата на Коридор 8, составена од 88 километри пруги низ северноисточниот дел на Северна Македонија. Штом биде завршена, ќе биде можно да се патува до Софија од Скопје со воз за 3,5 часа, посочува Закоњшек.
Закоњшек во интервјуто зборува и за состојбата на железничката инфраструктура, ги коментира тековните проекти за изградба на железничката мрежа и за регионалното поврзување и ги претставува плановите на Транспортната заедница во наредниот период.
Во Скопје сте по повод состанокот на Мрежата на железнички инфаструктурни менаџери на Западен Балкан и 11. Технички комитет за железница на Транспортната заедница. Со што треба да резултираат овие состаноци и што ќе биде фокус на идното делување?
На Самитот за железници за Западен Балкан, кој се одржа во Белград во 2021, сите инфраструктурни менаџери во регионот потпишаа договор за основање на Мрежата за железнички инфраструктурни менаџери за редовна координација и размена на искуства. Минатата недела, тие го одржаа првиот состанок во Скопје за да дискутираат како да развијат регионална железничка инфраструктура согласно стандардите на ЕУ, повторно да воспостават патнички транспорт и да го намалат времето за чекање на границите. Целата мрежа на железници на Западен Балкан од приближно 7700 километри треба да се интегрира во една модерна и ефикасна регионална мрежа која ќе ги поврзува нашите граѓани со Европа и пошироко. Мило ми е тоа што целиот регион е посветен на оваа цел и што можеме во С. Македонија да сметаме на одличната соработка со министерот Бочварски и неговиот тим. Би сакал да му честитам на директорот на Македонски Железници, г-динот Локвенец, кој беше избран за првиот претседател на Мрежата на железнички инфраструктурни менаџери на Западен Балкан. Се надеваме дека новата историја на регионалните железници почнува да се пишува во Скопје.
До каде е С. Македонија во исполнувањето на реформите и прилагодувањето на домашното со законодавството на ЕУ, како и исполнувањето на стандардите на европската транспортна мрежа?
Во моментов, клучниот чекор е усвојување и потоа имплементација на новиот закон за железници, подготвен од Министерството за транспорт и врски. Главната новина е дека јавната железничка инфраструктура може да се користи од приватни железници. Со отворањето на железничкиот пазар ќе се привлечат нови даватели на услуги и се надеваме дека ќе се овозможат начини граѓаните да патуваат поевтино и на начин кој е поеколошки, а бизнисите ќе можат да фунционираат со поголеми економски поволности и намалени трошоци. Во пракса, ова би значело дека Скопје треба да е поврзано со модерна железница со соседните земји и вашите граѓани ќе можат да појдат на еднодневен шопинг во Солун или на кратка посета на Белград. Соработка меѓу регионалните партнери е важна за да се постигнат овие цели. Задоволен сум што постои политичко разбирање во целиот регион за важноста на железницата, која беше изразена на Самитот на железници во Белград минатата година каде министрите за транспорт ја подржаа Декларацијата за железници. Македонското Министерство за транспорт и врски е посветено на оваа цел и со помош од ЕУ убеден сум дека иднината на македнските и регионални железници е навистина во пругите.
Како ја оценувате состојбата на железничката инфраструктура во државава, брзината и безбедноста на сообраќајот, возниот парк?
Во С. Македонија треба да се подобри брзината и достапноста на возови. Железничката линија Белград-Скопје сега е во лоша состојба бидејќи не се одржува и нема инвестиции во последниве 30 години. Железницата во Северна Македонија треба да се реконструира и да се користи почесто од страна на патниците и за превоз на товар.
Реновирање е или во тек или е во план на клучни делници на паневропските Коридор 8 и Коридор 10, а тие железнички рути ја прават С. Македонија да е важен транспортен центар. Од една страна, Коридор 10 е вашата врата кон остатокот од ЕУ, а преку Коридор 8 се поврзувате со Црното Море и Јадранското Море. Делови од Коридор 10 веќе се реконструирани со поддршка од ЕУ, но не и делницата која поминува низ вашата земја. Железничката линија до Грција е реконструирана, брзината достигнува 100км/ч, но нема сообраќај. Инвестиции во инфраструктурата за да се зголеми брзината на возовите е од големо значење, но тоа треба да се одвива заедно со редовно одржување на железничката мрежа за да се зајакне безбедноста на патниците. Затоа набавката на нови товарни и патнички вагони со заем од ЕБОР беше чекор за поздравување за да се намалат трошоците за одржување.
Сведоци сме дека проектите за изградба и развој на железничката инфраструктура во државава како што се најавените на Коридорот 8 се одвиваат многу бавно, за некои се обезбедени финансии но бавно оди реализиацијата, а за некои пак подолго време се обезбедува финансиска конструкција. Што треба да направиме за интензивирање на активностите но и за добивање поголема финансиска поддршка?
Охрабрува фактот што има политичка волја да се забрзаат плановите за да се доврши железницата на Коридор 8, составена од 88 километри пруги низ северноисточниот дел на С. Македонија. Штом биде завршена, ќе биде можно да се патува до Софија од Скопје со воз за 3,5 часа. Меморандумот за соработка, кој беше потпишан минатата година за изградба на одржлива инфраструктура од страна на С. Македонија со Албанија и Бугарија, е јасен знак за посветеност за завршување на Коридор 8 со поддршка од ЕУ до 2030.
Морам да го спомнам и овогодинашниот Меморандум за разбирање, потпишан со Бугарија, за да се заврши приоритетната делница, источниот дел на Коридор 8, каде во тек се градежни работи на делницата од Куманово до бугарската граница. Делницата помеѓу Скопје и бугарската граница е идентификувана како еден од клучните проекти на Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан на Европската комисија како дел од планот „Поврзување на Истокот со Западот“. Постојат можности за средства, постои политичка волја да има придвижување и се надевам реконструкцијата ќе започне пак на овие делници откако била паузирана заради различни причини. Сигурен сум дека Македонците наскоро ќе ги видат придобивките на економски развој и намалени емисии, благодарение на подобрените железнички врски со Бугарија.
Што може да се подобри во поглед на обезбедувањето на одржливоста на постоечката инфаструктура и зголемување на безбедноста, со оглед на неретките случаи со несреќи особено на премините и какви активности се планирани во таа насока?
Како што веќе спомнав, нашите заеднички напори да ја подобриме железничката инфраструктура во С. Македонија не треба да се фокусирани само на инфраструктура. Постоечката и новата инфраструктура треба да се одржува соодветно за да се зголеми безбедноста и да се избегнат несреќи. Премините, крстосниците и пругите се едни од најчувствителните точки на сообраќај. Околу 55 отсто од сите несреќи на железничките премини се со фатален исход или тешки последици. Транспортната заедница заедно со сите регионални партнери и со поддршка од ЕУ мапираше 30 најкритични премини во С. Македонија и работи на тоа да ја зголеми безбедноста преку подобрување на инфраструктурата и обука на вработените. Потоа ќе следува кампања за подигнување на јавната свест низ целиот регион да ги предупредиме нашите граѓани за опасноста на премините, за важноста да бидат соодветно обележани и кои се сообраќајните правила кога треба да се вози таму. Генерално, безбедноста на секој вид на транспорт е наш приоритет. Последниот пат кога бев во Скопје, организиравме конференција за безбедност на патиштата заедно со министерот Бочварски и министерот за внатрешни работи Спасовски за да разговараме за безбедност на патиштата со водечки експерти во областа. Ја потенциравме важноста од холистички пристап до безбедност на патиштата и побаравме подобрување на дизајнот на патишта и возила, подобри закони и спроведување на законот како и обезбедување на навремена итна помош да се спаси животот на повредените.
Минатата година беше посветена на Железницата и голем број на активности беа насочени во тој правец. Каде ќе биде насочен фокусот на Транспортната Заедница оваа година и какви активности се е планирани да се реализираат?
По 2021, која беше Годината на железницата, во 2022 исто така ќе се фокусураме на зелени, одржливи патишта на иднината. Активно поддржуваме „зазеленување“ на инвестициите во патиштата, распоредување на напредни информациски технологии и електронски патарини во Западен Балкан. Во блиска иднина, нашите граѓани ќе бидат во можност да ги возат своите електрични возила во регионот и пошироко и да можат да застанат за станици за напојување, кои ќе бидат инсталирани на главните коридори. Веќе почнавме да ги мапираме потенцијалните локации за електронски станици за напојување во Западен Балкан.
Главниот настан за промоција на возила за нулта емисии е планиран да се одржи во јуни 2022 за време на нашиот Самит за патишта во Тирана. На самитот ќе присуствуваат чинителите кои носат одлуки, финансиски инститиции и експерти за дијалог за политиките на транспорт на патиштата со цел да се развие побезбедна, дигитална и зелена патна инфраструктура во регионот. Покрај министерски состаноци на високо ниво, ќе продолжиме да поддржуваме градење на капацитетите во регионот со нашата Летна школа, посветена на патишта, обука за превоз на опасна стока, процедури за гранични премини, безбедност на патиштата и друго.
Ќе продолжиме да охрабруваме социјален дијалог за сите прашања поврзани со транспортот со што ќе организираме Социјален форум и серија од настана на високо ниво со активно учество на македонските чинители. Нашата конференција на 8 март, посветена на жените во транспортот ќе се осврне на малата застапаност на жените и ќе биде повик за да се зголеми нивното учество.
Лидија Велковска
фото Фросина Насковиќ