Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј
Конформистичко прилагодување и промптно (моментално) испорачување нова заблуда, секогаш има за цел наводно да разјасни и појасни, а всушност претставува воведување во нова заблуда, со укажување дека нешто е вистина, само затоа што не се покажало дека е лага.
Ако еден народ/нација, нема сопствена етничката идентификација, којашто се заснова на длабока, исконска приврзаност кон својата група и култура, тогаш значи дека е без потекло, непримордијален (неисконски).
Зарем, само со наводна афирмација на Македонскиот народ/нација, мислиме дека може да го збуниме народот, и да му подметнеме лага за непостоење Македонска нација пред 1945 год? Тоа, претставува заблуда со неформална логика, предлогот е вистинит, затоа што сè уште не е докажано дека не е точен или предлогот е точен, затоа што сè уште не е докажано неточен.
Таквата неформална заблуда, Македонците ги „креира“, како еден вид „новостворен“ народ, политички проект, од којшто изникнала нова национална креатура – deus ex machina (вештачка творба). Тоа е обид, да ѝ се зададе на Македонската нација нова парадигма (нов образец, нов идентитет). Опресивно (малициозно/злонамерно) е да се тврди дека не постои убедлив доказ, дека Македонците биле нација пред 1945 год., затоа што, пред тој период, тие не постоеле! Таквото подметнување на историска лага за Македонскиот народ, е еден вид лажна дихотомија (постои, но од 1945 год.), е бесрамно злосторство, коешто ја исклучува можноста дека можеби немало доволно (историска и научна) истрага за да се докаже лагата (политички креирана нација од 1945 год., па до денес).
Целосно е јасно дека научно-историски, националното чувство на Македонците е втемелено без никакви сомнежи и народот во Македонија не може да биде убедуван за наводно настанување на Македонската нација од 1945 год.
Во дебатите, секогаш кога се повикува на незнаење (за неутврденост и точност на фактите) се прави обид да се префрли товарот на докажување. Се прави обид, да се продре во свеста на народот кој живее во Македонија, кој, наводно е „новостворен“, со лажни докази. Зарем е потребно појаснување, со користење неформална заблуда?!
Нацијата е извор на политичка моќ. Нацијата има моќ да изгради и одржува единствен национален идентитет. Моќта извира врз основа на заедничките општествени карактеристики на: културата, етничката припадност, географската локација, јазикот, политиката (или владата), традициите и верувањето во заедничка единствена историја, а не во заедничка историја со други народи, кое спротивно уверување се сака да се наметне. Нацијата гради политики, а не може политиката да ја изгради нацијата. Ова, се разбира, можат да го ремоделираат, разни пиши-бриши уставотворци под октроирани политички услови, но не можат да го негираат!
Нациите се општествено конструирани и историски контингентни. Национализмот, пак, станал истакната идеологија до крајот на XVIII век, а додека ние постигнеме консензус за Македонската нација, како Македонска нација станавме експериментален примерок во зачетоците на воведување нов (сѐ уште официјално не имплементиран) светски политички систем – Интернационализам (укинување на нациите). Затоа, разочарувањето од национализмот, е само увертира во големата ера на Глобализмот.
„Санстефанската“ мисла и можеби е завршена, но секогаш формулацијата ,,двете наши држави’’ асоцира/алудира на прелевање на една во друга држава/нација. Тоа е прелевање, конструктувизам на можност за флуидност на етникумите (мешање на македонскиот со бугарскиот).
Политичкиот реваншизам за прекугранични освојувања на некогашен територијален рецидив (остаток на парче територија отаде границата) се спроведува преку мобилизирањето поддршка на внатрешни соработници со цел прекугранично освојување. На тој начин, екстремните реваншистички идеолози, конечно ќе го имплементираат Букурешкиот договор, кој е „реална“ пречка – доколку постои Македонска нација пред 1945 год.
Ако, отстапувањето има мали негативни ефекти, и ако се заговара квантитативното олеснување, раздавање на минатото пред 1945 год., тоа е грабеж на идентитетот. Секое брзо решение со отстапување на „сопството“ како (наводен) позитивнен исход, е поврзано со иредентизмот на соседите, којшто е концепција дека дел од културата и од бугарската нација останале „неоткупени“ надвор од границите на нејзината соодветна национална држава.
А, каде се изгуби Лидија Македонката од времето на Свети апостол Павле? Зарем, коренот се исушил, па од исушен корен настанало/израснало дрвото?!
За каква афирмација на Македонскиот народ/нација станува збор? Предодредувањето нов почеток (предетерминацијата) на Македонската нација не е афирмација, туку негација на нејзиното потекло, при што појаснувачите на новиот почеток на Македонската нација се учесници во надворешно-политичкиот инженеринг.