Германија ќе и испорача на Украина 1.000 парчиња противтенковски орудија и 500 ракети земја-воздух „Стингер“ од резервите на Бундесверот за да може оваа нападната земја да се одбрани од руската инвазија, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Руската инвазија на Украина означува пресвртница. Наша должност е да дадеме се од себе за да ја поддржиме Украина во одбраната од инвазијата на војската на Путин“, напиша Шолц на Твитер, пренесоа британските медиуми.
Претходно денеска германската Влада ја одобри испораката на 400 ракетни фрлачи (РПГ) од Холандија во Украина, што значи драстична промена во политиката на Берлин по критиките од западните сојузници.
-Во кабинетот на канцеларот е потврдено одобрувањето за извозот на оружје. Ракетните фрлачи се испратени од германските воени резерви, изјави портпаролот на германското Министерство за одбрана.