Еден од двата авиони „Даглас ДЦ-6Б“, кои властите на бивша СФРЈ ги купиле во 1958 година, се уште лета. Едниот авион и бил отстапен на тогашната државна авиокомпанија ЈАТ, а другиот за своите патувања низ светот го користел претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито.
Токму Титовиот стар авион, кој е стар шест децении, деновиве предизвика внимание откако од Виена стигна на црногорскиот аеродром во Тиват.
Со овој авион Маршал Тито летал 55 пати. Воздухопловот е единствен во оваа класа, кој се уште лета и е во сопственост на клубот на стари авиони ,,Летечки бикови“.
Авионот е произведен 1958 година и бил модернизиран за прием на ВИП личности, а Тито го користел 10 години. Прв пат со него се возел во 1959 кога патувал во посета на Индија, а за ВИП транспорт се користел до 1969, кога бил набавен авионот ,,Каравела“.
Потоа авионот ,,Даглас“ во 1975 власите на тогашна СФРЈ го продале на Замбија и бил користен од тогашниот замбиски претседател и Титов пријател Кенет Каунда.
Ова летало во 2004 година го купил и целосно го реставрирал сопственикот на „Ред бул“, Дитрих Матешик. Во авионот се вградени нови мотори и современи навигациски уреди што го прави безбеден за летање и покрај тоа што авионот е произведен пред 60 години.