Локалната полиција во Туркменистан ги прегледува тоалетите во потрага за докази за тоа дека тамошните жители по извршена голема нужда употребуваат весници со фотографии од претседателот Гурбанџули Бердимухамедов, пишува ББС.

Полицијата во западната покраина Балкан добила наредба да ги прегледа вецињата на јавни места и по куќите и да пронајде докази за тоа дека наместо тоалетна хартија луѓето користат весници со фотографии од претседателот, пренесува порталот Фергана со седиште во Москва.

Полицајците мораат да пронајдат „извалкани“ фотографии на челникот на државата во кантите за смет, пишува порталот.

Во веста се додава дека лицата кои ги „оштетиле“ фотографиитена претседателот ќе добијат предупредување. Но, според порталот „Алтернативни новости на Туркменистан“, такви случаи ќе има многу, бидејќи осиромашените Туркмени, поради долгата економска криза, нерадо трошат пари за тоалетна хартија.

„Зошто да купуваме тоалетна хартија кога има многу весници на кои жителите на Туркменистан мораат да се претплатат“, пишува порталот, и истакнува дека е тешко да се „промаши“ фотографија на претседателот бидејќи весниците се преполни со неговиот лик.

Најновиот прогон следи откако неколку деца биле упасени поради тоа што оштетиле плакати со ликот на Бердимухамедов, тврди „Радио Азатлик“.

Радиото наведува таков случај во кој деца фрлиле на под постер со ликот на Бердимухамедов и врз него скокале додека си играле. Во друг случај, деца биле уапсени поради тоа што му нацртале мустаки и брада на фотографијата на челникот на оваа држава.