Ана Стојаноска го освои осмото место од публиката, со ист број поени од публиката како Франција и Грузија, земји кои, со гласовите од стручното жири, завршија на третото и петтото место во вкупниот пласман. Македонската делегација смета дека овој факт е важен дел од резултатот и заслужува да биде соодветно пренесен во медиумските извештаи.
Со врвна вокална изведба, усогласена кореографија и искрена емоција, Ана и танчарките Каја, Калина и Елена ја раскажаа приказната на „Идната јас“. Зад нивниот настап стојат месеци работа, посветеност и професионален ангажман на целиот тим. Поддршката од публиката и позитивните реакции на фановите се значајна потврда за впечатокот што го оставија.
Останува отворено прашањето за разликата меѓу поддршката од публиката и оценката на стручното жири.
Воедно, апелираме до медиумите да известуваат точно, со целосен контекст и со посебно внимание кон децата учесници. Пред употребата на зборовите „последна“ или „последен“ во насловите, неопходно е да се земат предвид нивната тежина и влијанието врз децата. Пренесувањето на пласманот е дел од новинарската работа, а почитувањето на достоинството на децата е нејзин составен дел и професионална и етичка обврска.
Македонската делегација е горда на Ана, Каја, Калина и Елена и на целиот тим. Нашиот настап заслужува да ѝ биде пренесен на публиката со истата професионалност, посветеност и одговорност со кои беше подготвен.
Македонската делегација на Јуниорскиот евросонг




