Во Бугарија денеска се одржуваат претседателски избори на кои 6,59 милиони граѓани имаат право да гласаат за нов претседател и потпретседател на државата. На изборите учествуваат 27 кандидатски двојки.

Избирачките места се отворија во 7 часот по локално време, а гласањето треба да заврши во 20 часот. Доколку пред избирачките места има граѓани кои чекаат да го остварат своето право на глас, изборниот ден може да биде продолжен најдоцна до 21 часот.

Меѓу најистакнатите кандидатски двојки се актуелната претседателка Илијана Јотова со кандидатот за потпретседател Кирил Валчев, Андреј Ѓуров и Георги Кандев, како и Костадин Костадинов и Петар Волгин, Радослав Василев и Красимир Манов, Иван Христанов и Стојанка Черкезова…

Утрово екипата на МИА го посети училиштето „Филип Станиславов“ каде што се гласа на неколку избирачки места.

Во разговор со дел од гласачите на прашањето што очекуваат од новиот претседател, претежно одговараат дека приоритет им е подобрување на животниот стандард, особено по воведувањето на еврото, кое, велат, довело до зголемување на цените на прехранбените производи и генерално поскапување на животот.

Пензионерска брачна двојка очекува стабилизирање на состојбата во земјата, пред се на економски план, и како што во еден глас изјавија, најважно за нив е да им се зголемат пензиите и конечно да можат достојно да ги живеат пензионерските денови.

– Очекуваме стабилизираме на состојбата затоа што во моментот сме на дното. За возрасните луѓе сега е многу тешко. Ние двајцата со вишо образование и со 35 години стаж земаме пензија по 360, односно 390 евра, велат двајцата пенионери.

Цветелина Спасова, млада мајка, моментално невработена, смета дека треба да има некаков баланс во однос на политиката на државата. Кампањата, вели, воопшто не влијаела на нејзиниот избор, туку дека гласала според нејзините сопствени убедувања и познавање на состојбите.

Во однос на кандидатите кои на овие избори ги има рекордни 27 двојки вели дека не и било тешко да направи избор иако се многу.

– Искрено, повеќето ми беа непознати, освен две-три двојки кои ги знаев и си направив избор од нив, рече Цветелина. Според неа, сепак „најважно е да се ограничи скокот на цените кој моментално е изразен“ и да се подобри стандардот.

Низ целата држава предвидено е машинско гласање во 9.373 избирачки места, а во 2.249 од нив ќе има по две машини. Вкупно се предвидени 11.622 уреди за гласање. Бугарските граѓани во странство ќе можат да гласаат на 613 избирачки места во 60 држави.

Првите резултати од излезните анкети се очекуваат вечерва по 20 часот, а официјалните резултати од првиот круг Централната изборна комисија (ЦИК) треба да ги објави до 27 октомври.

Изборите се одржуваат во услови на изразен политички натпревар, а доколку ниту една кандидатска двојка не ги исполни условите за победа во првиот круг, вториот круг е предвиден за 1 ноември.