Нуклеарната централа Запорожје во Украина е во пламен, изјави Дмитро Орлов, градоначалник на блискиот град Енергодар, пренесува Си-Ен-Ен.
„Закана за светската безбедност!!! Како резултат на немилосрдното гранатирање од страна на непријателот на зградите и блоковите на најголемата нуклеарна централа во Европа, нуклеарната централа Запорожје гори!!!“ објави Орлов на Фејсбук.
Со сличен апел на Твитер се огласи и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, кој бара прекин на огнот за да можат пожарникари да интервенираат.
„Руската армија од сите страни пука врз нуклеарната централа Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа. Веќе избувна пожар. Ако експлодира, ќе биде 10 пати поголема експлозија од Чернобил! Русите мора ВЕДНАШ да го прекинат огнот, да дозволат пожарникари да воспостават безбедносна зона!“, напиша тој на Твитер.
Руските војници се обидоа да влезат во градот со тенкови и да ја заземат централата, но жителите и работниците беа видени како се собираат околу централата и нејзините околни патишта во средата, јави Би-Би-Си.
Украина има четири активни нуклеарни централи, вклучително Запорожје.
Во земјата се управува и со нуклеарен отпад на локации како Чернобил, кој сега е под руска контрола.
Меѓународната агенција за атомска енергија претходно денеска соопшти дека се консултира со Украина „и други со цел да и се обезбеди максимална можна помош на земјата додека се обидува да ја одржи нуклеарната безбедност во сегашните тешки околности“.
Треба да се напомене дека овие денови се проширија многу вести, кои брзо потоа беа демантирани или се испостави дека не се вистинити. Ја објавуваме бидејќи станува збор за тврдење од официјални лица од Украина, а веста ја пренесуваат сериозни медиуми како Си-Ен-Ен и Би-Би-Си.
Туз: Погоден реактор кој не е во функција, но има зголемено ниво на радијација
Портпаролот на нуклеарната електрана Андриј Туз, за украинската телевизија изјави дека гранати паднале директно врз електраната во Запорожје и запалиле еден од шесте реактори на централата. Тој реактор се реновира и не е во функција, но внатре има нуклеарно гориво, рече тој, пренесува Хина.
Пожарникарите не можат да се приближат до огнот затоа што се пука во нив, рече Туз.
Владин претставник изјави за Асошиетед прес дека во близина на локацијата на централата евидентирано е зголемено ниво на радијација. Тој зборувал под услов да остане неименуван бидејќи информацијата се уште не е објавена во јавноста, пренесуваат западни медиуми.
Туз рече дека итно е потребно да се прекинат борбите за да биде угасне пожарот.