Лицемерно е Кирацовски на жителите на Пелагониско да им зборува за европска иднина, кога токму во РЕК Битола сме сведоци на најголем криминал, фирми блиски до власта добиваа милионски набавки во четири очи и по критериуми кои индицираат на однапред договорена работа, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Не е европска вредност, се додава, во држава каде Заев е премиер и камионите на неговото семејство да возат за државни претпријатија.
– Не е европска вредност бесперспективноста која власта ја создава. Овој договор е штетен и тој факт не можат да го сменат ниту сто изјави и соопштенија на Центарот за дезинформации на СДСМ. Директен виновник за овој штетен договор е Заев, кој сам призна дека при негово потпишување се коцкал со народот и државата. Кирацовски наместо да ги лаже граѓаните, треба јасно да каже, дека овој референдум е за промена на името, а не за ЕУ и НАТО. Граѓаните треба да ја знаат вистината пред да донесат одлука, а не да бидат манипулирани, како што тоа СДСМ секогаш го прави, се вели во реакцијата.
Залудни се обидите за манипулации, се додава во соопштението.
– Со овој договор се менува идентитетот, историјата и културата и граѓаните тоа го знаат. Овој договор е асиметричен и на целосна штета на Република Македонија, токму затоа ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува овој капитулантски договор, се вели во реакцијата.