Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека „силно го поддржува итниот и широк пристап“ до „бустер“ доза од вакцините против ковид-19, за разлика од претходно кога организацијата беше на став дека не се потребни дополнителни дози од вакцините, бидејќи тоа придонесува за нееднаквост до пристапот до вакцините.

СЗО соопшти дека нејзината експертска група сепак заклучила дека имунизацијата со одобрени вакцини против ковид-19 обезбедува високо ниво на заштита од сериозни компликации од болеста и смрт, по глобалното ширење на високо заразниот сој – омикрон. Меѓу другото се вели дека вакцинацијата, вклучително и употребата на бустер, е особено важна за луѓето кои се изложени на ризик од сериозни болести.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, повика на мораториум на дополнителните дози минатата година, додека десетици земји почнаа да даваат и трета доза, велејќи дека богатите земји треба веднаш да ги донираат тие вакцини на сиромашните земји.

Научниците на СЗО тогаш рекоа дека ќе продолжат да ги анализираат добиените податоци. Оттогаш, бројни научни студии покажаа дека бустер дозите на одобрени вакцини помагаат да се врати ослабениот имунитет и да се заштити од сериозна инфекција со коронавирус.

СЗО објави дека продолжува да го следи глобалното ширење на омикрон, вклучително и „стелт“ варијантата позната како BA.2, за која е документирано дека повторно заразува некои луѓе по закрепнувањето од сојот омикрон. Постојат различни студии за тоа дали предизвикува тешка болест, но вакцините се подеднакво ефикасни против варијантата „стелт“.

СЗО потенцира дека моментално одобрените вакцини против КОВИД-19 се засноваат на сој кој првпат беше откриен во Вухан, Кина пред повеќе од три години. „Оттогаш, има континуирана и значајна еволуција на вирусот и веројатно е дека оваа еволуција ќе продолжи, што ќе резултира со појава на нови видови“, соопшти СЗО, додавајќи дека вакцините најверојатно ќе треба да се ажурираат.