„Ништо не може да спречи човек да излезе да гласа“, рече владиниот портпарол Габриел Атал, истовремено препорачувајќи да се носи маска при излегување на гласање, јави дописникот на МИА.

„За луѓето кои се заразени со Ковид во деновите пред гласањето, тие ќе можат да гласаат“, рече владиниот портпарол Габриел Атал по одржаниот Совет на министри. Потсетувајќи дека „гласањето е уставно право“, владиниот портпарол прецизира дека „ништо не може да спречи човек да излезе да гласа“. И покрај набљудувањето на „обновување на епидемијата“, со околу 120.000 нови случаи дневно, Габриел Атал подвлекува дека „ситуацијата е значително подобрена во болницата“. Затоа ги охрабрува Французите да излезат на избори без страв на 10 и 24 април.

Сепак, министерствата за внатрешни работи и за здравство ќе дадат неколку препораки, со цел да се обезбеди непречено одвивање на гласањето. На членовите на избирачките комисии на гласачките места ќе им бидат обезбедени хируршки маски, како и „ФФП2 маски за ранливите луѓе кои би морале да интервенираат на избирачките места“, прецизира Габриел Атал. Иако тоа не е задолжително, тој исто така препорачува носење маска при излегување на гласање, за луѓе кои се ранливи или кои тестирале позитивно и повикува на „индивидуална одговорност“, наведувајќи, сепак, дека за гласање нема да бидат потребни ниту здравствени проверки ниту тест.

Веќе се одржаа неколку избори од почетокот на епидемијата, особено општинските избори во 2020 година и регионалните и департманските избори во 2021 година, обележани со голема апстиненција. И покрај падот на бројот на хоспитализации, повторната контаминација предизвикува стравувања дека претседателските избори во 2022 година, пак, ќе бидат засегнати од овој феномен: секој четврти гласач навистина би можел да ја избегне гласачката кутија на 10 април.