Дали има некој што е задоволен и го пофали пописот освен самата власт, праша реторички претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во своето обраќање пред УМС на партијата која во Домот на културата во Прилеп одбележува 31 година од своето постоење.

-Одговорот е не. Но воедно сакам да се осврнам на пораките што ги носи пописот, а тоа е дека тој е пораз, пораз затоа што речиси 200 илјади се иселиле, тоа што имаме 132 илјади граѓани кои се непопишани, говори за самиот кредибилитет на истиот. А сево ова покажува дека страдањата и маките на сите луѓе во Македонија се исти. Затоа што и причината е иста. Но и исчезнуваме како нација. За 200 години тој процес со оваа тенденција би бил комплетен, рече Мицкоски.

Сепак, за него, како што рече, пораката е поразителна, а тоа е дека општеството се поделило и за ова прашање.

-А верувајте срцето се пара кога гледам дека и за ова Македонците се поделија во време кога треба да сме обединети и цврсти како карпа. И немојте да мислите дека оваа поделба е случајна, само погледајте кој од сево ова има најголема полза. Премалку сме да се делиме, и сакам од ова место да порачам дека е потребно обединување. Таква порака испратив до власта кога актуелно беше прашањето со Бугарија. Подадов рака да се обединиме, но владата не се надмина себеси и таквата волја не ја искористи за доброто на државата.

Од Прилеп Мицкоски испрати порака за обединување на народот против власта.

-Потребно е обединување и надраснување на сите наши разлики и поделби. Затоа што влегуваме во финалето на уривање на оваа власт позната како најкриминална и најнеспособна. Силата на обединувањето треба да биде голема, затоа што целите пред нас се големи. Народот против власта. Избори многу скоро ќе има. Знам дека ВМРО-ДПМНЕ некогаш прави и грешки, но од тие прораки влечеме поука. Внимаваме да не ги направиме грешките од минатото. За тоа што грешевме, побаравме прошка и се извинивме. И ви благодариме за поддршката на локалните избори.