Претседателката на ЕК Урсула Фон Дер Лајен, за време на денешната посета на Украина, на претседателот Володимир Зеленски му го предаде прашалникот, што претставува еден чекор пред кандидатски статус на земјата.

Фон Дер Лајен, на заедничката пресконференција изјави дека комисијата ќе направи се што може за да ѝ помогне на Украина за пополнувањето на прашалникот да бидат потребни недели, а не години, покрај тоа што процесот е веќе забрзан, во споредба со досегашното искуство на другите земји кои добија кандидатски статус, а подоцна и станаа членки на ЕУ.

Русија ја очекува економска, финансиска и технолошка пропаст, додека Украина маршира кон европска иднина, изјави Фон Дер Лајен.

Добивајќи го прашалникот од Фон Дер Лајен, Зеленски ја увери дека неговото пополнување ќе биде завршено за една недела.

Заедно со претседателката на ЕК, во Киев денеска е и Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, и кој пат соопшти дека унијата обезбедила 7 милиони евра за да ѝ помогнат на Украина во собирањето докази за руски воени злосторства на нејзината територија.