Со Пиеро Фасино, член на Домот на пратеници во Италијанскиот Парламент и претседател на Комисијата за надворешни работи МИА разговараше за евроинтеграцијата на земјава, ветото на Бугарија, влијанието на руско – украинската криза врз процесот на проширување, како и врз улогата на ЕУ воопшто.

Фасино кој е член и на Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде е претседатател на Комитетот за следење на почитувањето на обврските и заложбите од земјите членки на Советот на Европа и потпретседател на Политичката комисија, во интервјуто се осврнува и на имплементацијата на пресудите од Европскиот суд за човекови права во корист на македонското малцинство во Бугарија.

С. Македонија е земја кандидат од 2005 година, а од 2009 година добива препораки за исполнување на условите за почеток на преговори со ЕУ. Повеќе од една деценија беше блокирана од Грција поради спорот за името, а сега се соочува со нова блокада од Бугарија. Како ја оценувате ситуацијата со бугарското вето за интеграцијата на РСМ во ЕУ и тековниот дијалог меѓу двете страни за нејзино повлекување?

Европската интеграција на Западниот Балкан е стратегиски избор што е во интерес и на Балканот и Европа. Знаеме дека на Балканот имаше трагична, брутална и крвава војна од 1991 до 1995 година, а Сребреница стана нејзиниот симбол. На крајот од таа војна, меѓународната заедница им кажа на земјите што учествуваа во неа дека нивната стабилност и безбедност ќе биде осигурана преку нивната интеграција во евроатлантските институции, односно Европската Унија и НАТО. Што се однесува до ЕУ, таа заложба беше официјално потврдена на Европскиот совет во Солун во 2003 година. Од Дејтонскиот договор во 1995 година поминаа 27 години, од Европскиот совет во Солун поминаа 19 години. Тоа е долг временски период со што однесувањето на ЕУ не може да се оправда. Се сеќавам дека проширувањето со Полска, Словачка, Унгарија и Чешката Република беше направено во 2004 година, 15 години по падот на Берлинскиот ѕид, а сега се наоѓаме 27 години по Дејтон, 20 години по Солун и процесот сè уште трае и не знаеме кога ќе заврши. Верувам дека не можеме да прифатиме такво бавно темпо. Европската Унија мора да го промени своето темпо, преговорите треба да се забрзаат за пристапувањето на земјите од Западен Балкан.

Во однос на С. Македонија, потребно е да се свика меѓувладина конференција за да започнат преговорите за членство во ЕУ во следните неколку месеци. Бугарското вето мора да се крене и сметам дека не можеме да прифатиме земја членка на Унијата да наметне вето врз пристапувањето на други земји. Тоа претставува очигледно кршење на правилата на функционирање на Европската Унија. Во последните месеци има разговори помеѓу новиот премиер на Бугарија и премиерот на С. Македонија и се надевам дека овие разговори може да доведат до договор многу брзо и кревање на бугарското вето. Европската Унија мора да направи сè во нејзина моќ овие разговори да добијат позитивен исход и да се надмине бугарското вето. Треба да ги започнеме преговорите со С. Македонија и Албанија, треба да се забрзаат тековните преговори со Србија и Црна Гора и потребно е да се понуди европска перспектива на Косово и Босна и Херцеговина. Во сето ова, Европската Унија треба да го забрза своето темпо.

Руско-украинската криза, која влезе во вториот месец, потврди дека процесот на проширување на ЕУ не е само политичко, туку и безбедносно прашање. Како тоа ќе влијае на улогата на ЕУ во регионот?

– Да, оваа војна ја натера ЕУ да обрне внимание на својата безбедност. Веќе 80 години живееме во мир и се навикнавме на таков начин на живот и мислевме дека ништо не може да го наруши тоа. Сепак, имаме војна во срцето на Европа и имајќи ги предвид ризиците што ги носи војната, потребно е да се обезбеди безбедносен и одбранбен систем на Европа, не преку водење војна, туку да се одврати секој што сака да влезе во воен судир со Европа. Така, ова претставува итна тема на која треба да се работи. Пред неколку дена Европскиот совет ги усвои првичните насоки на Стратешкиот компас, што претставува стратегија за европската безбедност, стратегија што вклучува европски безбедносен систем како надополнување на НАТО-системот. Европската Унија има силна надворешна и безбедносна политика што мора да биде доволно јасна за да ја заштити Европа од какви било можни ризици од војна.

Дали процесот на интеграција во ЕУ за Западниот Балкан, особено за С. Македонија, ќе биде забрзан или забавен по барањето на Украина за брзо пристапување во Унијата?

– Сметам дека апликацијата од Украина, Грузија и Молдавија да станат кандидати за членство во ЕУ треба да имплицира и забрзување на преговорите за членство на земјите од Западен Балкан кои се во понапредна фаза во процесот на пристапување, бидејќи Србија и Црна Гора веќе се во процесот на преговори, С. Македонија и Албанија се пред отворање на преговорите, така што засега тие се во понапредна фаза во споредба со Украина, Грузија и Молдавија, кои аплицираа за да станат земји кандидати. И ова е причина зошто ЕУ треба да го забрза темпото. Сметам дека е штета што поминаа 20 години без процес на проширување кон Западниот Балкан и никој не може да ѝ каже на Украина дека ќе треба да чека 20 години. Затоа треба да се забрзаат преговорите за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ и давањето кандидатски статус на Украина, Грузија и Молдавија, значи два процеси што треба да се одвиваат истовремено.

Дали новата ситуација, оваа нова реалност во Европа со украинската криза, може да придонесе за побрзо укинување на бугарското вето за С. Македонија?

– Да, навистина се надевам. Верувам дека бугарското лидерство е свесно, во светло на војната во Украина, која е многу блиску до Бугарија, дека токму оваа војна ја покажува неопходноста за ЕУ да биде покохезивна, кохерентна и посилна, а таква посилна Европа треба да ги вклучи земјите од Западниот Балкан. Во оваа руско-украинска криза сите мора да бидеме свесни за потребата од забрзување на евроинтеграцијата на Западниот Балкан. ЕУ е безбедносен гарант за сите земји – за оние кои веќе се земји членки, но и за оние земји кои сакаат да ѝ се приклучат, како што се земјите од Западниот Балкан, но исто така и за земјите, како Украина и Молдавија, кои се предмет на многу силен притисок од страна на Русија, што ги доведува во прашање нивниот суверенитет и независност. Претседателот Зеленски ја комбинираше неутралноста на Украина со аплликацијата за членство во ЕУ, бидејќи Украина може да биде и се декларира како неутрална. Но, како и да е, таа сака да биде под безбедносен чадор и тоа може да биде обезбедено од ЕУ. Бугарија мора да разбере дека во овој тежок и трагичен контекст, во една ваква трагична ситуација, ветото не може и не смее да продолжи. 

Анкетите во земјава потврдуваат дека постои големо разочарување и фрустрација од доцнењето на пристапните преговори со ЕУ, особено по низата препораки на ЕК за почеток на преговорите. Како да се спротивставиме на евроскептицизмот во земјата и да ги спречиме младите да заминуваат?

Ова прашање го потврдува она што јас веќе го кажав, дека бавното темпо со кое ЕУ го води проширувањето и ги менаџира своите односи со земјите од Западниот Балкан во изминатите 20 години произведe три негативни последици. Прво, јавното мислење на Западниот Балкан стана повеќе фрустрирано, тие имаа очекувања да ѝ се приклучат на ЕУ. Граѓаните на овие земји се сметаа за европски граѓани, но гледаат дека вратата на ЕУ се отвора многу бавно. Значи првата негативна последица е фрустрација во јавното мислење.

Втора последица е што бавното темпо исто така создаде простор за други играчи во регионот – Русија, Турција, Кина, ОАЕ. На овој начин, ЕУ се доведува во ризик да го даде регионот на други играчи и ова ќе има многу негативни последици. Трета последица е што земји кандидати како С. Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија мора да спроведат реформи за усогласување на домашното со законодавството на ЕУ, но поради бавноста на ЕУ тие ги забавија реформите, што дополнително ќе придонесе за забавување на евроинтеграцијата. Кристално јасно е дека времето изминува и ова нема да ги реши проблемите, туку напротив, ќе ги усложни. Затоа потребно ни ЕУ е да ја промени динамиката, да ја забрза.

Тоа не е само мое лично мислења, туку и став на мојата земја Италија, на Владата и на Парламентот. Италија бара од ЕУ драматична промена на динамиката на процесот на евроинтеграција за земјите од Западен Балкан. Испуштено е премногу време, потребно е да обезбедиме брзи одговори за кратко време заради стабилноста и безбедноста на овие земји и на Европа во целост. Северна Македонија, Албанија и Црна Гора се членки на НАТО, затоа нема причина ЕУ да биде побавна од НАТО. Потребен е поинаков пристап од ЕУ со цел да го завршиме овој процес на пристапување на Западен Балкан во Унијата, особено кога и Украина, Грузија и Молдавија поднесоа апликации за интеграција во ЕУ. Потребен ни е квантен скок и ова е позиција на сите политички сили во парламентот во Италија, и на владејачкото мнозинство и на опозицијата. Ние во Комисијата за надворешни работи многу долго време работиме заедно со нашите колеги од комисиите од земјите од Западен Балкан на можноста за забрзување на преговорите со цел да имаме позитивен исход од овој процес. 

Г. Фасино вие сте претседател на Мониторинг комитетот за следење на почитувањето на обврските од земјите членки на Советот на Европа. Како ја оценувате состојбата со македонското малцинство во Бугарија и неисполнетите обврски во однос на 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права?

– Советот на Европа започна мониторинг-процес за следење на спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Бугарија. Усвоена е резолуција од страна на Советот на Европа и во тек се постмониторинг-активностите за проверка на спроведувањето на препораките содржани во резолуцијата. Советот на Европа е посветен на верификација на усогласеноста на Бугарија и на сите други земји членки со пресудите од институциите на Советот на Европа.

Виолета Геров

фото: Фросина Насковиќ

сниматели: Андреј Бранковиќ и Аслан Вишко